Македонија со ВМРО-ДПМНЕ забрзува, но кон пропаст, вели Филипче


Венко Филипче на средбата со земјоделците во Босилово

 

Македонија со ВМРО единствено забрзува кон пропаст, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната средба со земјоделци во Босилово. Филипче посочи дека е лицемерно ВМРО да зборува за некакво забрзување кога цела држава, вклучително и земјоделството, оди надолу, во пропаст.

„Каков врв на лицемерие токму денеска во Струмица, во овој регион, ВМРО, организирана криминална група, слави роденден. Гледам дека се фалат со некој слоган ‘Македонија забрзува’, може да им го честитам роденденот со тоа што Македонија забрзува со нив единствено кон пропаст“, рече Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање по повод годишнината од Преспанскиот договор лидерот на СДСМ рече дека храбрите политики ја внесоа Македонија во НАТО, кукавичките ја држат сега во место

„Преспанскиот договор затвори едно прашање, повеќедецениски спор за името со Грција. Ние сега, од оваа временска дистанца, шест години сме земја членка на НАТО, дел од најмоќниот воен сојуз, нешто што поттикнува и инвеститори да дојдат да инвестираат во земјата, што видовме за време на нашите мандати. За жал, сега оваа власт тоа не го прави, не го практикува, едноставно немаат капацитет да ја водат и економијата како што треба“, рече Филипче.

Во одговорот, Филипче посочи дека денес, од оваа временска дистанца, со право се поставува вистинското прашање – каде ќе беше Македонија денес ако спорот со Грција беше решен многу порано.

„Каде ќе бевме сега ако тој повеќедецениски спор со Грција беше решен на почетокот на 90-те години? Дали ќе бевме во рангот на една Словенија, а сум прилично сигурен дека ќе бевме. Со сите проблеми со кои што сега се соочуваме, едноставно немаше да треба да се соочуваме. Тоа е само уште еден аргумент во прилог на тоа дека храбрите државнички политики се тие кои што ни требаат. Не ни требаат политичари, кукавици, како што сега седат во Владата, кои што се грижат само за сопствениот интерес“, рече Филипче.

На средбата на која што земјоделците зборуваа за проблемите со кои се соочуваат изминатите две години поради погубните политики на Владата на ВМРО, Филипче нагласи дека власта го доведе земјоделството до пропаст. Исплатата на субвенциите доцни, а дополнително земјоделците се соочени со екстремно ниски откупни цени за производите.

„Наместо да се даде поддршка на луѓето кои што ја хранат земјата, наместо да се даде поддршка на луѓето кои што може да го зајакнат секторот земјоделство и да бидеме главни извозници на храна и да го храниме целиот регион, ние сме соочени со тоа што целиот сектор земјоделство во државата изумира. Земјоделците нема да работат повеќе поради тоа што никој не води грижа за нивните големи трошоци кои се екстремно високи, за нивните ниски откупни цени, едноставно луѓето не можат да преживеат“, рече Филипче.

Тој рече дека СДСМ понуди решенија за помош на земјоделицте, но Владата сите ги одби. Филипче посочи дека секогаш постои можност да се преземат мерки кога навистина постои волја да им се помогне на земјоделците, но проблемот е што Владата нема слух ниту за состојбите на терен, ниту за конструктивните предлози што доаѓаат од СДСМ.

„Минатата година дадовме предлог да се зголеми откупната цена на грозјето. Тоа не се случи. Го одбија тој предлог“, рече Филипче.

Притоа, Филипче најави дека СДСМ и во наредните денови ќе излезе со нови предлози, со кои ќе понудат решенија за проблемите со кои се соочуваат земјоделците.