Македонија очекува поддршка од белгиското претседателство за ЕУ


Бојан Маричиќ и белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лабиб

 

Решителност за продлабочување на соработката во различни сектори, реформи на демократски принципи, раст и развој на државите членки заедно со земјите кандидати од Западниот Балкан, како и реализација на проширувањето на Европската унија, се заедничките вредности и цели што ги обврзуваат Северна Македонија и Белгија, оценија на денешната средба во Брисел вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања и надворешна трговија Хаџа Лабиб. 

„Нашата мисија е насочена кон проактивен ангажман на Северна Македонија за исполнување на целта за полноправно членство во ЕУ“, рече Маричиќ. 

Во разговорот со Лабиб, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, Маричиќ посочи дека наша цел е да одиме чекор поблиску до Унијата со поддршка на белгиското претседателство. 

Покрај цврстата поддршка на белгиското претседателство, вицепремиерот Маричиќ ја истакна и решителната и непоколебливата посветеност на Северна Македонија за развој и успешна реализација на европската интеграција. 

На средбата станало збор и за изнаоѓање на начини за засилена соработка меѓу Северна Македонија и Белгија, чија цел е зајакнување на регионалната стабилност, економскиот просперитет и културната размена во европската рамка. 

Лабиб го пофали напредокот на земјава во усогласувањето со европските вредности и стандарди, изразувајќи ја цврстата поддршка на Белгија за европските аспирации на Северна Македонија. Во разговорот беше истакната и важноста на солидарноста и партнерството во решавање на предизвиците и можностите на европскиот пат. 

Маричиќ воедно изрази благодарност, истакнувајќи ја важноста на периодот на белгиското претседателство, кога ќе се одвиваат клучни процеси во ЕУ важни за нас и за регионот.