Македонија мора да биде држава со самодоверба, порача Мицкоски од конгресот на ВМРО-ДПМНЕ
Според Мицкоски, компромисите во меѓународната политика може да бидат само технички, а не суштински. Тој рече дека иднината се гради со храбри одлуки
Во преполната сала „Јасмин“ во Кавадарци ВМРО-ДПМНЕ го одржува својот 18. конгрес кој доаѓа по изборните победи во 2024 и 2025, кои ѝ дадоа на партијата чувство на супериорност на политичка сцена, бидејќи ги има сите лостови на моќта во државата – од локалните до самиот врв. Од сега натаму ВМРО-ДПМНЕ ја има задачата да испорачува, не само од она што го вети, туку и она што ќе дојде ненајавено.
Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во своето воведно обраќање пред делегатите и гостите зборуваше каква е визијата на партијата за Македонија во 2030 година и генерално ги кажуваше веќе познатите работи за кои и досега зборуваше.
„Во секој политички миг постои прашање што ја мери зрелоста на една нација: дали сме генерација што сака да го продолжи обичајот на очекување, или да ја прекине навиката на одложување? Нема враќање назад. Овој конгрес е мост меѓу она што бевме и она што мора да станеме. И токму затоа, нашата одговорност не е да ја повториме историјата, туку да ја создадеме иднината“, посочи Мицкоски.
Според него, Македонија има многу повеќе капацитет, многу повеќе талент, многу повеќе неискористена сила од она што го гледаме. „Нашата задача е да ја ослободиме. Да го вратиме чувството дека оваа земја не се води според инерција, туку според визија. Не според притисоци, туку според принципи. Не според страв, туку според достоинство“.
Зборувајќи за местото на Македонија во Европа и светот, Мицкоски рече дека европската и евроатлантската интеграција не смеат да се сведат на пасивно прифаќање или безусловна зависност. „Малата држава може да биде силна држава ако има самодоверба, чувство за сопствена тежина и јасен став за своите интереси. Македонија мора да знае да каже ‘да’ кога тоа е во нејзина корист, но и да каже ‘не’ кога се нарушуваат нејзините принципи, достоинство или идентитет“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги повтори познатите тези за патот кон ЕУ, велејќи дека тоа е стратегиска рамка на партијата и дека компромисите во меѓународната политика може да бидат само технички, а не суштински:
„Националниот идентитет не е предмет на преговори; почитта кон другите идентитети е вредност, но не на сметка на сопствениот. Јазикот, историјата и културата се фундаментални државни столбови. Компромисите во меѓународната политика може да бидат технички, но не смеат да бидат суштински. Државното достоинство не е реторика, туку практична политика“.

Во својот говор, Мицкоски истакна дека државата не се гради со зборови, туку со карактер, дека иднината се гради со храбри одлуки.
„Денес зборуваме за нешто поголемо. За обновата на македонската самодоверба. За враќање на чувството дека оваа земја не е случајност, туку наследство, не е експеримент, туку победено право, не е компромис, туку завет од генерации што се бореле за да постоиме ние. И затоа, нашиот повик денес е повисок од политиката. Тој е повик да престанеме да бидеме публика во сопствената држава. Да престанеме да дозволуваме стравот, цинизмот или навиката да го определуваат нашиот пат. Македонија не смее да живее во дефанзива. Слободата не е подарок, туку дисциплина, модерната Европа не е географија, туку вредност и напредокот не доаѓа од оние што чекаат, туку од оние што тргнуваат да го создадат“. Што е спротивно на она што често го употребува околу заглавените преговори со ЕУ; да му дадеме време на времето.
Во говорот полн со големи зборови Мицкоски рече: „Одбиваме да ја прифатиме идејата дека малата држава мора да има мали амбиции. Одбиваме да веруваме дека нашите деца треба да си заминат од овде за да успеат, одбиваме да ја прифатиме приказната дека Македонија е премногу мала за големи работи. Напротив. Македонија е доволно голема колку што е голема нашата волја да ја направиме подобра. Македонија влегува во деценијата на зрелост. А ние, собрани денес, сме должни да бидеме генерацијата што ќе ја постави темелната линија, дека државата може, дека државата знае и дека државата ќе успее“.

Мицкоски зборуваше и за економијата:
„Економската сила ја определува државната сила. Затоа Македонија мора да го напушти моделот на ниска продуктивност и зависност од увоз, и да премине кон економија којашто ќе се темели на знаење, технологија и иновации. Модернизацијата на бизнис секторот, новите дигитални технологии и технолошките паркови ќе создадат работни места со висока додадена вредност и ќе го зголемат извозниот капацитет“, рече Мицкоски.
Говорот на Христијан Мицкоски беше отворен за јавноста. Потоа во затворениот дел делегатите ќе кажат што мислат каде била партијата и каде треба да оди во наредните четири години. Конгресот треба да го избере претседателот на партијата. Сосема сигурно тоа ќе биде Христијан Мицкоски (тој е единствен кандидат) и овој мандат ќе биде негов последен, според одредбите на Статутот. Конгресот треба да ги избере и членовите на Централниот комитет. (Љ.П.)