Македонија ќе стане центар за мигранти и периферија на Европа. Време е за мобилизација, вели Филипче

СДСМ почнува онлајн петиција за спречување на „антидржавното и антинационално однесување на Владата“


Според плановите на британската влада дел од луѓето што пристигнуваат со мали чамци би можеле да се префрлат во Македонија

 

Нова гласачка машинерија. Кредит од 6 милијарди евра чеја цена се и мигрантите. Македонија фрлена на периферијата на Европа.

Ова се трите главни поенти од денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, целосно посветена на најавите од Британија дека тамошната влада ќе ги испраќа мигрантите кои не добиле дозвола за престој во прифатни центри во Македонија.

Овдешната власт нема добри одговори на овие тврдења и вели дека изјавите од СДСМ не биле точни, но не го демантира пишувањето на „Тајмс“ и на другите британски медиуми.

Филипче рече дека е време да се крене гласот на народот и најави покренување онлајн петиција како прв чекор за спречување на „антидржавното и антинационално однесување на Владата“.

„Мора да кажеме одлучно не. Ги повикувам граѓаните да нè поддржат и да ни помогнат да го спречиме ова антидржавно и антинационално однесување на т.н. патриотска влада на ВМРО ДПМНЕ“, порача Филипче, прашувајќи дали цената за кредитот од 6 милијарди евра е токму прифаќање мигранти во Македонија.

Тој нагласи дека Македонија не смее да дозволи да стане периферија на Европа и предупреди дека доколку Владата го игнорира ова предупредување, ќе следат уште посилни чекори во интерес на заштита на државата, безбедноста и иднината на македонските граѓани.

„Нашето место е во Европската унија, а не на периферијата како црна точка“, порача претседателот на СДСМ. „Нема да дозволиме да дојдат мигранти тука по ниедна цена. Нема да дозволиме на овој начин да се загрози безбедноста и иднината на земјата. Ние сакаме развој, ние сакаме да сме дел од Европска Унија, не сакаме да сме мека на мигранти, да дојдат луѓе коишто гледаме како се однесуваат во другите земји и какви проблеми создаваат, насилства, протести, силувања“, потенцираше Филипче.

Тој го отвори и прашањето дали зад тајните договори на владата се крие целта мигрантите да станат нова гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори.  

„Дали ќе дозволиме така наречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ да ја претворат Македонија во Мека за мигранти? Дали може да очекуваме дека на мигрантите ќе им бидат дадени македонски пасоши и ќе бидат гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ? Сепак, се ближат избори“, порача Филипче.