Македонија ќе ја нема на самитот на ЕУ во декември

Дипломатските кругови во Виена велат дека се нереални очекувањата кај нас оти може да продолжи процесот и без уставни измени


 

(Од нашиот известувач)     

ВИЕНА – Темата „Македонија“ нема да биде ставена на дневен ред на самитот на Европската унија во декември кога ќе се разгледуваат извештаите за земјите кандидати, и подобро што е така, бидејќи ќе треба да се заклучи дека – не ги исполнила условите што се бараат за да ги продолжи преговорите за членство. 

Ова е пораката од Виена околу нереалните очекувања кај нас дека може да продолжи процесот и без уставни измени и дека ако видат во ЕУ дека има отпор во нашата држава тие да се усвојат вака како што се напишани, Брисел ќе попушти и ќе дозволи одново да се разгледува преговарачката рамка.

Уште повеќе во дипломатските кругови во Виена не се сигурни дека и по изборите кај нас, кога и да се, ќе поминат уставните измени, иако уверувањата од ВМРО-ДПМНЕ биле дека сега се неприфатливи за нив бидејќи им ги намалуваат шансите да освојат голема победа на изборите.

Практично, тие не слушнале јасен одговор од партијата на Христијан Мицкоски што потоа, а добиле и прашање – зошто се толку уверени од друга страна дека СДСМ ним ќе им направи кворум за промена на Уставот, поточно ќе гласа воопшто за уставните измени ако по изборите се најдат во опозиција. Во смисла, зошто се толку уверени дека нема да им возвратат со истите методи со кои тие сега ја блокираат евроинтеграцијата што е во интерес на државата. 

Во Виена практично никој ништо не очекува да се случи на овој план пред изборите, а главното прашање е дали ДУИ ќе биде дел или не на идната влада. Успеавме да добиеме уверување од властите во Бугарија дека нема да поставуваат нови услови и тоа јавно го кажаа, но без исполнување на веќе договореното нема одење напред за Македонија, е пораката од Виена. 

Тие и натаму повторуваат дека не е можно да се смени преговарачката рамка, дека единствено решение за продолжување на преговорите со ЕУ се уставните измени, дека сега не гледаат оти тие се можни, а по изборите – ќе видат што ќе се случува. Дали ќе има одлука за Албанија на овој самит, исто така, не е јасно, поради најавената рампа од Грција, но овде очекуваат брзо да се отвори расправата за раздвојувањето на двете земји во процесот.

Околу можноста да се направат уставни измени во земјата и таа пак да се најде блокирана заради измените на Кривичниот законик кои предизвикаа лоши оценки од Европската комисија, пораката беше дека усвојувањето на овој закон секако не е вистинскиот правец во кој треба да се оди во борбата против корупцијата. Во Виена сепак инсистираат дека ЕУ треба да покаже иста решителност околу проширувањето со земјите од Западен Балкан како што покажа за Украина и за Молдавија, што ги стави на брза лента за влез во членство. 

Околу шансите да заврши успешно претседателствувањето на Македонија во ОБСЕ, за кое од сите адреси во Виена доаѓа позитивна оценка за ангажманот, сѐ уште никој официјално не најавува што ќе биде епилогот, со една оптимистичко очекување дека министерскиот состанок ќе биде успех и дека се блиску до договор. Досега само четири земји најавиле дека нема да присуствуваат на министерско ниво, а прашањето за тоа кој ќе ја преставува Русија наводно се уште е отворено и единствено сигурно е дека во Скопје сигурно ќе дојде Марија Захарова. 

Ако не се постигне некаков договор околу натамошното функционирање на организацијата ќе настрада и мисијата на ОБСЕ во Македонија, на која до крајот на годинава ѝ истекува мандатот и треба да се обнови, како и на сите вкупно 11 мисии на ОБСЕ низ Европа и Азија. Во моментов ОБСЕ има мисии во Косово, во Србија, во БиХ, во Албанија и во централноазиските земји, а од регионот затворена е само во Хрватска. Околу тоа дали постои опасност, ако не се тргне блокадата во организацијата, Македонија да остане и без набљудувачка мисија на изборите,  од Виена порачуваат дека нема таква шанса, бидејќи за таквите активности не е потребна согласност од Русија и Белорусија. 

Во ОБСЕ го гледаат како слабост, но и како сила фактот дека за изборот на претседавач, за мисиите и за сите функции треба да се донесе одлука со консензус и, иако многу се зборува дека во „Скопје ќе се решава судбината на ОБСЕ“, сите признаваат дека опстанокот на ОБСЕ не е загрозен туку нормалното функционирање и финансирање, бидејќи се бараат разни форми да се одржат активностите на организацијата, вклучувајќи го и известувањето за можните воени злосторства во Украина и за репресијата врз слободата на говорот во Русија. Интенцијата е ако не се постигне консензус за  клучните позиции да се продолжи работата преку претстојните, така што опцијата Македонија да остане претседавач уште една година сѐ уште е на маса. Во ОБСЕ Македонија е добра вест, дотаму што и лозинката за влез внатре беше – Скопје 2024.