Македонија ќе биде членка на ЕУ и НАТО


ЕРОЛ РИЗАОВ

Доцниме многу, ептен многу, главно по наша вина, ама ќе стасаме до целта. Македонија ќе биде членка и на ЕУ и НАТО. Иднината повеќе не ни е судбина, таа е цврсто одредена, без оглед дали некоја од членките на европското семејство од која било нивна причина, ќе ја одлага интеграцијата и европеизацијата на Македонија. Тие процеси се одамна почнати, а сега се одвива последната најтешка етапа, која веќе е наречена „Тур де Франс“. Треба да се издржи и одработи без плачење и цимолење, без сервилност, патетика и разочараност. Овој пат можеме да бидеме оправдано лути и на Франција, и на Европа, и на сиот свет, но најмногу на себеси за големите промашувања, погрешни политики и криминали во целиот период на независноста. Речиси цели 30 години во сите документи и декларации, развојни планови за изградба на демократски и правен општествено-политички и економски поредок и во сите области практично е озаконета европската иднина на земјата, но реализацијата на тие планови и проекти не е остварена од политичките елити најчесто попречувани од битките за власт и примитивниот популизам помогнат од квази-интелектуалци.
Уште тогаш напишав, и тоа го повторувам стотина пати, дека Македонија ќе стане членка на ЕУ оној ден кога на граѓаните тоа ќе им биде сеедно. Затоа денешните големи емоции и создавањето амбиент на трагична измама иако не е донесена ниту, пак, е можна одлука која ја отфрла европската иднина на Македонија повеќе зборуваат за избрзани реакции и „сечење вени“, лелекања на напуштена и разочарана „шипарица“. Смачено ми е од повторувањето на реченицата – демек ние направивме сè, а вие ни удривте клоца. Евентуалното одложување на преговорите со ЕУ, под притисок на Франција, се најавува како катиљ-ферман за цела Македонија. Се разбира, тоа е апсолутно погрешен пристап на политиката да создава навивачки амбиент како кај оние орди по фудбалските стадиони. Во политиката секогаш требале студени и мудри глави, но овој пат се чини тоа ни е најмногу потребно. Време е да ја совладаме европската лекција број еден пред да ги почнеме преговорите. Интересите на државата над сè. Ветувањата, дали нешто звучи фер или нефер, дали личи на егоизам и себичност, дали тоа некому ќе му се допадне или не, дали некој ќе се лути или не, да се измери точно сопствената реална сила, да се прифати компромис ако нема подобро решение, е европската филозофија која на Балканите не е совладана, кај некои земји дури и по членството во ЕУ. Во Македонија тоа се доживува како трагедија, предавство, нож во грбот, крај на светот.
Втората лекција е како да научиме да ѝ кажеме „не“ на Европа, поточно на Брисел, ако имаме подобро решение од нивното за некои работи и како да ги научиме граѓаните на Македонија дека ние ништо не правиме за да ги исполниме желбите на европските бирократи, туку сето тоа го правиме заради нас, заради сопствената држава. Ниту со Преспанскиот договор со Грција ниту со сите други договори со соседите, па и тие со Брисел, не ни е ставен нож на грло да бидат прифатени заради Европа, туку заради нас. Секогаш сме можеле и можеме да ги отфрлиме нивните правила. Имавме и такви ситуации кога со леснотија ги отфикаривме нивните предупредувања и препораки. Откако тие мирно, без емоции и таламбаси се согласија со нашите „храбри“ и самостојни одлуки за собирање гласови, ги видовме негативните последици од непочитување на правилата во Премиер лигата во која сакаме да се натпреваруваме. Мора да се совладаат правилата на клубот, но и да се разберат маневрите на големите и влијателни членки на стара Европа.
Треба да се биде малку стрплив по сиве овие години на грешки, да се оладат главите и на власта и на опозицијата во Македонија. Франција нема да ја запре Македонија на патот кон Европа. Успесите што се постигнати во изминатите три години и кои најмногу ја приближија Македонија кон ЕУ и кон НАТО не се избришани, ниту отфрлени ниту неважечки. Претседателот Емануел Макрон тоа го знае и тоа многу бргу ќе го соопшти кога ќе ги добие гаранциите за почеток на европските реформи. Преговорите на Македонија со ЕУ и европските реформи ќе течат паралелно и ќе завршат до 2030 година кога Македонија ќе стане редовна членка на реформираната Европска Унија. Кој ќе биде присутен ќе се увери во тоа.
Насоката во која ќе течат реформите на ЕУ ја навести Хенри Кисинџер, еден од највлијателните луѓе на 20 век. Кога го прашале што мисли за Европската заедница, одговорил: „А со кого таму можам да преговарам и да се договорам“. Денес 40 години по оваа дефиниција на Кинсинџер за западноевропскиот сојуз многу нешта се сменија. Заедницата стана Унија, а неколкуте земји членки, таканаречената стара Европа, е проширена и распослана на речиси целиот континент и ја сочинуваат 28 земји. Многу е променето, но останува негибната оценката за Европа на мудриот Хенри. Во ЕУ не можете да разговарате и да договарате со еден човек. Затоа преговорите се одолговлекуваат во недоглед и ја прават Европа бавна која го губи натпреварот со светските гиганти. Во таа насока ќе бидат и реформите на новата Европска Унија, но не по цена на жртвување на преостанатиот дел на Балканот. Тоа е историска неминовност која од поодамна е осознаена во Европа.
Она што е неопходно да се осознае и во Македонија е да се применува и во практиката консензусот дека огромното мнозинство во земјата се за членство во ЕУ и во НАТО и тоа да се одработи како што приликува на одговорни политичари кои повеќе врескаат за избори и за освојување на власта отколку за интересите на државата. Додека е така, и да се веќе почнати преговорите, тешко ќе се стаса до целта. Треба да се отворат сите 35 поглавја на Брисел, без разлика кога ќе почнат официјално преговорите. Нашиот датум сами го одредуваме за влез во ЕУ. Тоа е оној ден кога ќе ги затвориме поглавјата. На сите земји, исклучувајќи ја Турција од познати причини, им требаше од шест до осум години да ги исполнат обврските од домашните задачи, а некои добија и преодни оценки со протекција.
За Македонија ќе нема протекција, но ако има политичка стабилност во земјата и жестока неселективна пресметка со криминалот и корупцијата и според проценките на стручни луѓе Македонија за 10 години може да ги заврши успешно преговорите со исполнување на сите обврски. Ако тоа се направи тогаш, бидете убедени дека на граѓаните ќе им биде сеедно дали и официјално и формално ќе станеме членка на ЕУ бидејќи тогаш веќе ќе имаме пристојна држава со квалитетен живот на граѓаните.