Македонија и Црна Гора ќе соработуваат за подобрување на државната администрација
Македонската Агенција за администрација и Управата за кадри на Црна Гора ќе соработуваат на зајакнување на институционалниот капацитет на државните служби. Двете институции на 11 април во Подгорица потпишаа Акциски план за имплементација на Договорот за соработка, кој предвидува поблиска соработка во областа на системот на државната служба и со кој двете страни се согласија да разменат искуства преку учество на меѓународни и регионални состаноци и конференции за реформа на јавната администрација.
Агенцијата за администрација и Управата за кадри ќе соработуваат во подобрување на квалитетот на системот на државната служба, заеднички ќе работат на промовирање, деполитизација и професионализација на државната администрација, во областите на добро управување и владеење на правото, како и на зајакнување на билатералната соработка помеѓу двете страни.
Соработката воедно ќе придонесе за размена на искуства во реформата на државната администрација и примена на најдобрите практики во областа на управувањето со човечки ресурси, во насока да се обезбеди добра административна поддршка во евроинтеграциските процеси како стратешка цел на двете земји.
Акцискиот план го потпишаа директорот на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров и директорката на Управата за кадри, Светлана Вуковиќ, во присуство на амбасадорот на Македонија во Црна Гора, Михајло Трпковски.