Македонија го одбележува Илинден (фото)

2 Август е потсетуваме на борбата за слободна македонска република што ја започнаа Илинденците а ја продолжија учесниците во народноослободителната и антифашистичка војна


Со низа свечености и манифестации под слоганот „Борбата трае“ денеска се одбележува 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република и 80 години од Првото заседание на АСНОМ.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, положи цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, истакнувајќи дека на овој празник на светлината се потсетуваме на борбата за слободна македонска република што ја започнаа Илинденците а ја продолжија учесниците во народноослободителната и антифашистичка војна.

„Илинден не е само историска приказна или историски сон, туку пред се историска вистина. Илинден е нашиот најсилен повик за акција и единство денес. Илинден е повик за сите нас – да продолжиме да се бориме за нашите права, за нашата култура, за нашата слобода“, порача премиерот Христијан Мицкоски во објава на својот Фејсбук профил.

Тој нагласува дека Македонија денес го одбележува Денот на Републиката, празник со кој се прославуваат двата големи историски и државотворни настани, Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ.

Централната манифестација за одбележување на Илинден – Денот на Републиката е во Крушево на Гумење и на месноста Мечкин Камен, каде ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот Слива и на Мечкин Камен.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска е во Пелинце, каде ќе положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ и ќе ја посети спомен собата во Меморијалниот центар.

Во рамки на чествувањето ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”.

Таа ќе има средба и со српскиот колега Александар Вучиќ, во „Свети Прохор Пчињски“ каде се одржало Првото заседание на АСНОМ. Двајцата претседатели на пладне заеднички ќе имаат обиколка на црквата во манастирскиот комлекс, по што ќе одржат состанок, а потоа ќе имаат обраќање пред медиумите и присутните гости.

Цвеќе пред спомен обележјата во Крушево, Пелинце и Скопје ќе положат и собраниски делегации и делегации од Кабинетот на претседателот.

Чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република со низа свечености почна вчера во Крушево кога делегации ја посетија Спомен куќата на Смилевскиот конгрес и споменикот на Дамјан Груев, а попладнето во центарот на Крушево, пред црквата „Свети Никола“ беа пречекани коњаниците од цела Македонија. Воедно беше отворена манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ со читање на Крушевскиот манифест и подигање на бајракот на Крушевската Република.

Со почит, поклон, венци и свежи цвеќиња на вечното почивалиште на претседателот на Крушевската Република Никола Карев во споменикот „Македониум“ во Крушево почнаа чествувањата на празникот за 121 година од Илинденското востание и првата република на Балканот, Крушевската Република.

Пред гробот на Карев се поклонија претставници на семејството Кареви, делегација на Владата која ја предводи премиерот Христијан Мицкоски, делегации од Кабинетот на претседателката на државата, од Собранието, од АРМ, од градот Крушево и манифестацијата „10 дене Крушевска Република“, претставници на политички партии, од амбасадите на Народна Република Кина, Хрватска, од Италија и бројни здруженија.

Делегациите почит им оддадоа и се поклонија пред споменикот на загинатите востаници кај месноста Слива.

 

(Фото: Борис Грданоски)