Македонец пронајден мртов пред шопинг-мол во Софија


Стојан Спасов, 25-годишен македонски државјанин, е пронајден мртов во саботата пред шопинг мол во Софија, објавија негови пријатели на социјалните мрежи, повеќето од нив спортисти кои се занимаваат со боречки вештини, во кои спаѓал и Спасов.

Според нив, Спасов бил спортист од Виница, кој веќе неколку месеци живеел во Софија.

Веста за смртта на Спасов не била објавена во бугарските медиуми, туку преку социјалната мрежа Инстаграм, од каде дознале и неговите пријатели и роднини.

Според некои од нив, станува збор за убиство, но тоа се премолчува. Во нивниот пријател наводно било пукано со огнено оружје. Официјално, телото е предадено на обдукција и не се знаат причините за смртта.

Неговите пријатели сметаат дека за смртта на Спасов не се известени медиумите во Македонија.

Апелирам до медиумите да ја објават веста за неговата смрт. Истовремено апелирам до македонската полиција и до македонските служби да помогнат во обдукцијата, да се дознае вистинската причина за смртта и да помогнат за враќање на телото во нашата држава“ – напиша на Фејсбук Бобанчо Боби Илиевски, еден од пријателите на Спасов.

МНР  соработува со бугарските власти

Министерството за надворешни работи информира дека веднаш по добиената информација за пронаоѓање на телото нашиот државјанин С.С. во Софија, преку Амбасадата на земјава во

Бугарија, стапило во контакт со бугaрските надлежни органи, од кои се добиени првични информации за случајот.

Преку Министерството за внатрешни работи веќе е стапено во контакт со семејството на починатиот во земјава и тие се информирани за случајот.

Во соопштението на МНР се посочува дека Министерството и Амбасадата во Софија стојат на располагање за комуникација и асистенција, како и во постојана и непосредна комуникација со надлежните органи на Бугарија кои ја водат истрагата.

Претходно, дописникот на МИА од Бугарија јави дека тело на 26-годишен македонски државјанин е пронајдено во саботата околу 21 часот во близина на трговскиот центар „Парадајз“ во Софија.

Телото е испратено во Одделот за судска медицина и за случајот е поведена предистражна постапка. Според првичните сознанија, на телото нема траги на насилство и најверојатно станува збор за предозирање.