Мајските оперски вечери во знакот на Верди
Четириесет и седмите Мајски оперски вечери оваа година ќе бидат отворени и затворени со оперската претстава „Аида“, со која фестивалот традиционално завршува секоја година на 31 мај.
Утревечер ќе бидат отворени со премиера на оваа позната опера на Џузепе Верди, овојпат во продукција на театарот „Карло Феличе“ од Џенова. Националната опера и балет денеска на прес-конференција ја најави како спој на визуелната иновација со традицијата, виртуелна сценографија која ќе ја одведе публиката во светот на древниот Египет.
Уметничкиот директор на Операта, Бисера Чадловска, рече дека се работи за ново, футуристичко видување на „Аида“, во која ќе има 3Д-проекции. Постановката ја видела на премиерата во Џенова и во соработка со театарот „Карло Феличе“ целата продукција е донесена во Скопје. „Аида“ ќе биде изведена и на затворањето на фестивалот, но со интернационална екипа. Насловниот лик утре ќе го игра Благица Поп Томова, а на 31 мај – Русинката Олга Романко.
Диригент на претставата е Енрико Довико, кој на прес-конференцијата истакна дека е многу задоволен од Оркестарот на НОБ затоа што, рече, го следеле перфектно и дисциплинирано. Различно во однос на изведбата на матичната сцена во Џенова е тоа што оркестарот не е целосно на сцена, туку дел е во т.н. оркестарска школка. Италијанскиот диригент нагласи дека претставата е микс на традиционално и модерно и дека најголем предизвик е музиката да се координира со проекциите, односно тие да се приспособат на темпото.
Покрај двете изведби на „Аида“ на 9 и на 31 мај, на фестивалската програма се уште две Вердиеви опери – „Риголето“ на 18 мај и „Травијата“ на 28 мај, како и оперите „Лучија од Ламермур“ на Доницети (15 мај) и „Боеми“ на Пучини (22 мај) и балетот „Лебедово езеро“ на Чајковски на 12 мај. Во придружната офф-програма од 15 мај до крајот на фестивалот ќе биде поставена изложбата „Божествена симбиоза“ посветена на првенката на Операта Ана Липша-Тофовиќ (1926-2012), која е меѓу основоположниците на македонската оперска сцена, а била и дел од првата изведба на „Аида“ кај нас пред 65 години. На 20 мај, пак, на платото на Националната опера и балет со видео на отворено ќе биде прикажана „Ана Болена“ од Доницети во изведба на Виенската државна опера, по повод 150 години од нејзиното основање.