Мајкрософт мора да плати казна во САД поради прекршување на санкциите
Вашингтон – Американското Министерство за финансии во соопшти дека го казнува Мајкрософт со 3,3 милиони долари поради кршење на санкциите.
Мајкрософт ќе плати казни за повеќе од 1.300 прекршувања на санкциите наметнати од САД на Куба, Иран, Сирија и Русија. Прекршувањата вклучуваат извоз на услуги и софтвер, соопшти американското Министерство за финансии.
Тие ги прекршиле санкциите во периодот од 2012 до 2019 година, во повеќето случаи продавајќи услуги и софтвер на руски правни и физички лица на Крим, соопшти Министерството.
Санкциите беа прекршени, меѓу другото, затоа што не беа собрани сите или точни информации за идентитетот на крајните клиенти на производите на Мајкрософт, соопшти Министерството за финансии, предупредувајќи на слабости во процесот на проверка на Мајкрософт.
Во 2014 година Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим.
Министерството за финансии на САД забележува дека Мајкрософт соработувал и дека признал дека ги прекршил правилата.
Мајкрософт нагласи дека соработувал во истрагата и додаде дека е задоволен од спогодбата.
„Мајкрософт“ многу сериозно ја сфаќа контролата на извозот и почитувањето на санкциите и затоа, откако дознавме за пропустите и прекршувањата на неколку вработени во процедурите за верификација, доброволно го пријавивме тоа кај властите“, изјави портпаролот на софтверскиот гигант.