Мајката на Навални го моли Путин да дозволи да го види телото на синот


 

Људмила Навална, мајката на Алексеј Навални апелираше до Владимир Путин со барање веднаш да го предаде телото на нејзиниот син за да може да го погреба.

„Веќе петти ден не можам да го видам [син ми], нема да ми го дадат неговото тело, а нема ни да ми кажат каде е. Апелирам до тебе Владимир Путин. Одлуката зависи само од тебе. Дозволи конечно да го видам мојот син. Барам веднаш да се ослободи телото на Алексеј за да можам да го погребам него на човечки начин“, изјави Људмила Навалнаја во видео порака.

Видеото го сними на позадината на затворот ИК-3 познат како „Поларниот волк“ на север од Арктичкиот круг, каде почина нејзиниот син.

Навална заедно со адвокатот на нејзиниот син за време на викендот отпатува во затворот. Но телото на Навални е пренесено во мртовечница во блискиот град. Ни таму не ѝ дозволуваат да го види починатиот син. Ниту да открие каде, всушност, се наоѓа.

Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека претседателот Путин не го видел вчерашното видео-обраќање на споругата на Навални, Јулија. И го отфрли барањето за меѓународна истрага за смртта.

„Владимир Путин не го видел. Обвинувањата дека телото на Алексеј Навални не се предава за да се прикрие труењето се неосновани и со ништо не се поткрепени.

И за време на приведувањето на луѓето кои сакаат да положат цвеќе во спомен на Навални, органите на редот постапуваат согласно законот.

Барањето на Жозеп Борел за независна меѓународна истрага за смртта на политичарот не се перципира во Кремљ, а уште помалку од него“.

Јулија Навалнаја му одговори на Дмитриј Песков: „Не ми е гајле како ги коментира моите зборови портпаролот на убиецот. Вратете го телото на Алексеј и дозволете пристоен погреб, не спречувајте ги луѓето да се збогуваат со него“.