ЕУ дискутира за механизам за одговор на руски „хибридни напади“ по модел на НАТО
Европската Унија денеска започна дискусии за создавање сопствен механизам за вонредни состојби, сличен на НАТО, како одговор на „хибридните напади“ за кои се обвинува Москва, објави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Министрите за одбрана на ЕУ во Брисел ја одржаа својата прва дискусија на таа тема по серијата инциденти во изминатите недели што ѝ се припишуваат на Русија.
Таа иницијатива, неодамна објавена од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сепак предизвика недоверба кај некои земји од ЕУ, кои се плашат од дуплирање со Северноатлантската алијанса.
Неколку земји-членки инсистираа „дека ова нужно мора да биде целосно комплементарно на НАТО“, призна Калас пред претставниците на медиумите по состанокот.
„Ние не создаваме ништо дополнително и двата механизма мора да работат рака под рака“, истакна таа.
„Јасно е дека е потребен заеднички пристап од страна на НАТО и ЕУ“, рече Себастијан Хартман, германскиот парламентарен државен секретар во Министерството за одбрана, по неговото пристигнување во Брисел.
Министрите имаа „само прелиминарна дискусија, што значи дека ќе продолжиме по овој пат“, рече Калас на крајот од состанокот.