Мајката и синот Давитковски ги продадоа сите акции во „Скопски пазар“
Значајни промени во акционерската структура на „Скопски пазар“ се случија откако вчера двајца меѓу петте најголеми акционери во компанијата ги продадоа сите акции што ги поседуваа во акционерското друштво. Станува збор за Тодорка Давитковска и Сашо Давитковски, кои заедно поседуваа вкупно 22 отсто од акционерскиот капитал на „Скопски пазар“.
Како што соопшти денес ова акционерско друштво преку Македонската берза, вчера во блок трансакција беа истргувани вкупно 17.532 обични акции издадени од „Скопски пазар“ АД Скопје, по цена од 6.169,61 денари по акција, во вкупна вредност од 108.165.602,52 денари.
„Досегашниот акционер Тодорка Давитковска изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во ‘Скопски пазар’, односно 8.055 обични акции, што претставува 11,36 отсто учество во вкупниот број на обични акции издадени од ‘Скопски пазар’ и повеќе не е акционер во ‘Скопски пазар’“, се вели во соопштението.
„Досегашниот акционер Сашо Давитковски изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во ‘Скопски пазар’, односно 7.546 обични акции, што претставува 10,64 отсто учество во вкупниот број на обични акции издадени од ‘Скопски пазар’ и повеќе не е акционер во ‘Скопски пазар’“, стои во соопштението објавено преку Берзата.
Исто така, се додава дека со состојба од акционерската книга од 05.08.2020 година ЛИКО-ПРОЕКТ ДООЕЛ се појавува како акционер со над 5 отсто во акционерската структура на „Скопски пазар“ со вкупно 17.532 обични акции или 24,71 отсто од бројот на обични акции со право на глас, односно 20,49 отсто од вкупниот број на издадени акции од Друштвото.
Од пребарувањето на интернет, за ЛИКО-ПРОЕКТ ДООЕЛ може да се дознае дека станува збор за друштво за производство, градежништво, трговија, услуги и транспорт со седиште во Липково.
Инаку, според ревидираниот финансиски извештај на компанијата за 2019 година достапен на интернет страницата на „Скопски пазар“, на крајот на минатата година најголеми акционери во ова акционерско друштво биле „Современ дом“ АД Прилеп, со 24,8 отсто од акциите, „ЗСФ ком“ ДООЕЛ Скопје со 22,72 отсто, потоа Скопски пазар во чија сопственост се 11,46 отсто од акциите (сопствени акции), а потоа доаѓаа Тодорка и Сашо Давитковски, додека на останатите акционери отпаѓаа 19.03 отсто од акциите.
„ЗСФ ком“ лани за прв пат се јајвува како акционер во „Скопски пазар“, бидејќи според извештајот на крајот на 2018 година немал ниту една акција во оваа компанија.
Ваквата промена во акционерската структура минатата година доведе и до промени во управувањето, па така, според ревидираниот извештај, во текот на 2019 година извршени се промени на членовите на Надзорниот одбор и на Управниот одбор.
„Со состојба на ден 31.12.2019 година членови на Надзорниот одбор се: Фатмир Етеми, Претседател на Надзорен одбор, Ацо Дудулоски, Димитар Џеков, независен член на Надзорен одбор. Претходно во текот на 2019 година членови на Надзорниот одбор беа Предраг Милосављевиќ (претседател), Ванчо Ачовски – независен член и Звонко Стојчев. Со состојба на 31.12.2019 година членови на Управниот одбор се: Младен Дамев, Претседател на Управен одбор, Велимир Шиповиќ, Арменд Етеми, Озџан Даут, Бесар Етеми. Претходно во текот на 2019 година членови на Управниот одбор беа Сашо Давитковски – претседател, Тошо Давитковски, Боце Славков, Снежана Ристова Трифуноска и Бобан Димоски.
„Скопски пазар“ управува со 13 зелени пазари во Скопје и со еден сточен пазар со капацитет од околу 2.900 продажни места-тезги, располага со деловен простор претежно наменет за издавање со вкупна површина од околу 58.000 квадратни метри, а во еден дел од деловниот простор компанијата врши сопствена трговска дејност, врши и сопствена угостителска дејност (ресторанот „14“ во Скопје), а го поседува е-супермаркетот www.doma.mk.
Основната главнина на Друштвото е 264.611.144 денари. Во висината на запишаниот капитал издадени се 85.566 акции, од кои 70.937 обични акции и 14.629 приоритетни партиципативни акции, со номинална вредност од по 51,13 евра по акција, се вели во извештајот.
(М.Ј.)