„Мајка“ на Теона Стругар Митевска од 16 октомври низ киносалите


Новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Мајка“, по светската премиера на 28 август 2025 година, во Венеција, ќе го започне својот киноживот во земјава од 16 октомври (четврток). За македонската публика, „Мајка“ беше премиерно прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што се одржа од 20 до 26 септември во Битола.

Публиката во Скопје ќе има можност да го погледне долгоочекуваното остварување кое носи длабока, инспиративна приказна заснована врз животот на Мајка Тереза.  Филмот претставува интимен портрет на една од највлијателните хуманитарки на 20. век, фокусирајќи се на нејзината внатрешна борба, верба и мисија. Главната улога ја толкува светски познатата актерка Номи Рапас, во друштво на Никола Ристановски и Силвија Фокс. Сценариото е заеднички труд на Теона Стругар Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ. Продуцент е Лабина Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан, сценограф е Вук Митевски, а прв асистент на режија Јане Ќортошев.

Филмот веќе е распродаден за кино дистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.

Филмот ќе започне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција – да обезбеди кино прикажување пред светската премиера.