Маја Јанеска пронајдена со прострелна рана во главата

Јанеска, според медиумите во Јужна Африка, била деловен тајкун и славна шминкерка која импресионирала многумина со своите вештини за преуредување. Многу луѓе веруваат дека таа се самоубила пукајќи си од пиштол, но во јавноста има силни барања за истрага


Познатата шминкерка и бизнисменка Маја Јанеска починала од прострелна рана во главата, јави News24, водечкиот онлајн медиум во Јужна Африка. Според изданието, полицијата отворила увид и засега нејзината смрт не се третира како сомнителна од агенциите за спроведување на законот. Сепак, нејзината добра пријателка, моделот Ива Ристиќ и сопругата на играчот на Спрингбок, Елтон Јантјис, изјави дека нејзината пријателка немала самоубиствени нагони.

Портпаролот на полицијата, потполковник Мавела Масондо рече дека полицијата примила повик за лице кое наводно се самоубило на имот во населбата Басонија во Јоханесбург, Јужна Африка.

„По пристигнувањето на дадената адреса, полицијата пронашла жена во спалната соба со прострелна рана во главата. До неа имало огнено оружје. Болничарите потврдија дека жената е мртва“, изјави Масондо за новинарската публикација.

Која е Маја Јанеска?

Според профилот на Јанеска на Linkedin, таа е претседател за развој на бизнис во компанијата „Blazer Investments“, која е опишана како компанија која  ги олеснува и финансира стратешките трансакции помеѓу купувачите, продавачите и финансиерите. Според медиумите во Јужна Африка, Јанеска била во врска со Кајл Филипс, ко-директор на компанијата за цигари „Карнилинкс“ на Адријано Мацоти,  човекот кој му помогнал на лидерот на ЕФФ, Јулиус Малема, да ја плати својата даночна сметка. Јанеска и Филипс, наводно, присуствувале на свадбата на ќерката на Мацоти на Ибица во август заедно, каде што присуствувале и Малема и неговата сопруга.

 

Кајл Филипс (втор од лево), Малева (трет) и Маја Јанеска со сопругата на политичкиот лидер  на свадбата на Ибица

Ристиќ, која неодамна се пресели во Турција со своите деца, се огласи на Инстаграм во петокот за да ја изрази својата шокираност од неочекуваната смрт на нејзината добра пријателка.

„Летај високо моја најдрага пријателке! Немам зборови само вознемиреност и тага… Не можам да поверувам дека те нема, само така… Твоето убаво лице и нашите смешни шеги се нешто што засекогаш ќе ми недостига… Се гледаме од другата страна“,  навела Ристиќ својата објава.

Таа порача дека Маја штотуку се вратила од дипломатско патување во Македонија.

„Беше толку убава жена, полна со живот, многу талентирана и амбициозна. Таа ги знаеше министрите во земјава и лидерите. Го сакаше животот и не разбирам зошто некој би ѝ наштетил на каков било начин’, навела Ристиќ.

Во обраќањето до студентите на универзитетот ФОН во Скопје, само девет дена пред нејзината смрт, Јанеска раскажа како на 19-годишна возраст се преселила во Танзанија, каде што добила понуда да работи во хотел. Таму научила свахили и започнала кариера како шминкер и стилист. Таа ја повика својата млада публика да не се откажува од своите соништа.

„Можете да имате добри и лоши моменти во животот, но вие сте тој кој може и треба да прави промени. Желбата е едно, самодовербата е друго. Верувајте во себе, бидејќи само така ќе успеете“, рекла таа.

 News24 објави дека нејзиниот партнер Кајл Филипс го пронашол нејзиното тело, а неговата поранешна сопруга изјавила дека тој е уништен од трагедијата и бил подготвен да соработува со полицијата. Нејзината врска со Филипс беше опишана од оние кои ја познаваа двојката како „активна и неактивна“.

Роднина на Јанеска за News24 изјави дека се во апсолутен шок. Семејството, кое е во Европа, не може да дојде во Јужна Африка поради проблеми со визите, објави News24. Роднината за News24 изјави дека за смртта на Јанеска дознале од поранешните соработници на Филипс. Роднината за News24 изјави дека иако им било кажано дека смртта е поврзана со самоубиство, Јанеска понекогаш се плашела за својот живот. Роднината додаде дека, кога Филипс ги контактирал за смртта на Јанеска, тој изгледал „вознемирено“. Тој наводно бил во станот кога се случил настанот и јавил во полицијата.  

Со над 1,2 милиони следбеници на Инстаграм, пред пет дена Јанеска објави слика од себе со цитат: „Секој пат кога жената се залага за себе, без да знае дека е можно, без да тврди, таа се залага за сите жени“. 

Јанеска, според медиумите во Јужна Африка, била деловен тајкун и славна шминкерка која импресионирала многумина со своите вештини за преуредување. Следејќи го нејзиниот талент и услуга, со неа се поврзале многу познати личности за да ја усовршат својата убавина. Таа, исто така, била многу активна во објавувањето видеа поврзани со модата и убавината преку Јутјуб, што ја зголемило нејзината популарност меѓу луѓето.

Многу луѓе веруваат дека таа се самоубила пукајќи си од пиштол, но во пошироката јавност има силни барања за истрага. Маја Јанеска не споделувала информации за своето нето богатство пред смртта, но може да се претпостави дека поседувала повеќе милиони долари од нејзината професија. Како бизнисменка и славна шминкерка, нејзината работа и услуги добро се плаќале од богатите клиенти. 

Инаку, партнерот на Кајл Филипс, Мацоти, важи за дел од едно од најбогатите и најмоќните семејства во Јужна Африка. И покрај тоа, Мацоти успевал да ги задржи своите бизниси и раскошниот живот во сенка се до раскошната венчавка на ќерката на Ибица, која ги преплавила социјалните мрежи. Таа била направена на италијански начин, а биле поканети неколку славни и големи имиња.

Неговата компанија , што ја поседува со Кајл Филипс, е произведувач на цигари и најголемиот снабдувач на тутун во Јужна Африка и нејзината работа ја следеа многу контроверзи. Според некои, тие функционираат како  италијанска мафија, а наводно се вмешани и во недозволена трговија со тутун и перење пари. Во изминатите години, некои од  имотите на Мацоти биле  запленети од САРС, државна агенција за контрола на приходите. Беше обвинет дека учествувал финансиски во политичката кампања на Нкосазана Дламини-Зума и ги помагал нејзините политички амбиции, како што го помагал очигледно и Малема. И покрај сите истраги и гласини против нив, семејството не е обвинето или изведено пред судовите за какво било прекршување. Компанијата била инволвирана и во судски спор со БАТ (Бритиш-американ тобако), при што втората плаќала луѓе да ја известуваат за илегалните и други активности на компанијата на Мацоти. Мацоти постојано се жалел од обиди на конкуренцијата да му се земе пазарот и да му се уништи компанијата. Во изјавата што Мацоти ја потпишал во мај 2014 година, тој признал  и соучесништвото на неговата компанија Карнилинкс во  измама, перење пари, корупција, даночно затајување и мито. Но, тој  исто така, велел дека е „недопирлив“ и дека неговите контакти на високи места довеле до тоа да исчезнат неговите даночни проблеми.

Од овие пишувања се гледа дека Јанеска била вклучена во најбогатите и најмоќните бизнис и политички кругови во Јужна Африка и дека на некој начин била  во средиштето на многу ривалства и пресметки. Засега нејзината смрт се третира како самоубиство, но и на тамошната јавност тешко и е да поверува дека некој толку добро етаблиран  успешен туку така ќе си пресуди во еден момент. 

И Малема ги отфрли попладнево шпекулациите дека Јанеска можеби извршила самоубиство.

„Ни беше тоа шок, дека таа можела да се самоубие, затоа што никогаш не ја гледавме како тип што има потенцијал да се убие. Таа отворено го кажуваше своето мислење без страв, се сакаа со Кајл. .Немаше ништо што сугерираше дека има непремостливи проблеми кои ќе наложат да се убие или да се убијат еден со друг. Мислам дека немаше знаци за тоа, па затоа сме во шок“, изјавил Малема. (Н.В.)