Лукровски оздравел, се враќа на работа
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски по речиси двомесечно отсуство поради здравствени причини, од вчера повторно се вратил на работа. Во изминатиот период, додека Лукровски беше на боледување, со општината раководеше заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски, кој имаше овластување привремено да управува со работата на локалната самоуправа и да ги извршува тековните обврски.
Лукровски на 7 мај замина на боледување само шест месеци откако седна во градоначалничката фотелја и според граѓаните, дотогаш не покажа резултати какви што се очекуваа од него.
Лукровски за своето враќање објави подолг статус на Фејсбук, во кој се заблагодари на премиерот и на колегите и ги осуди како што рече, обидите на некои поединци и партии, да стекнат евтини политички поени.
„Животот е борба исполнета со предизвици, но не затоа што е против нас, туку затоа што секој предизвик нè принудува да растеме, да учиме и да станеме посилни.
Изминатиот период за мене беше едно големо искушение. Се соочив со здравствен предизвик кој ме натера да сфатам дека вистинската сила не е никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш сила повторно да станеш.
Денес, со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период. Во ова искуство научив дека со трпение, истрајност, верба и поддршка, дури и најтешките битки можат да се добијат“, објави Лукровски.

Тој вели дека е згрозен од одредени поединци кои се обиделе да дојдат до политички поени на сметка на неговата состојба.
„Најодговорно сакам да ги демантирам сите шпекулации и лаги врзани за моето име, згрозен сум од начинот со кој што одредени поединци и партии пробаа да дојдат до евтини политички поени на сметка на мојата состојба. Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал. Сега по божја волја се враќам со нова енергија, со уште поголема посветеност и со јасна цел – да продолжам да работам одговорно, чесно и посветено, во интерес на граѓаните и развојот на нашата општина. Да сте ми живи и здрави“, напиша Лукровски на Фејсбук.
Од Општина Карпош потврдија дека градоначалникот Сотир Лукровски од денеска ги продолжува своите редовни работни активности и обврски.
„И во периодот на неговото отсуство, Општина Карпош функционираше организирано, професионално и непречено, согласно воспоставените процедури, надлежности и редовната динамика на општинската администрација. Тековните проекти, услугите кон граѓаните и секојдневните активности на општинските служби се реализираа континуирано, со цел граѓаните да не почувствуваат застој во работењето на локалната самоуправа.
Со враќањето на градоначалникот Лукровски на работните обврски, Општина Карпош продолжува со уште поинтензивна координација на започнатите активности и со јасен фокус на реализација на приоритетите значајни за граѓаните“ – се вели во сопштението на Општина Карпош.
СДСМ преку соопштение обвини дека враќањето на Сотир Лукровски на функцијата градоначалник на Општина Карпош не е негова лична одлука, туку резултат на притисок од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата наведуваат дека Лукровски, кој по речиси два месеца отсуство повторно ја презеде функцијата, претходно имал намера да поднесе оставка, но, како што тврдат, тоа не му било дозволено.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ не сакала да ризикува предвремени локални избори во Карпош, поради што, како што велат, Лукровски бил принуден да остане на функцијата.
„Ова е уште еден доказ за начинот на кој функционира системот на Мицкоски. Луѓето се поставуваат на функции за да ги штитат партиските интереси, а не интересите на граѓаните. Кога некој ќе се обиде да се повлече, му се врши притисок да остане“, наведуваат од СДСМ.
Оттаму оценуваат дека Лукровски прифатил да остане градоначалник и да ја преземе одговорноста за политиките на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението, СДСМ прашува колку други градоначалници и министри се на функции против своја волја, само за, како што велат, владејачката партија да ја задржи контролата врз институциите.