Лукаревска: Независните се крик на незадоволство од актуелното владеење


Фото: Б Грданоски

ДСМ на локалните избори ќе се бори општините да бидат вратени во служба на граѓаните, да бидат транспарентни и отчетни, рече вечерва пратеничката Сања Лукаревска. Таа најави „одлична програмска понуда“ фокусирана на проблемите на жителите, како и „одлична кадровска понуда“.

Во гостување на Канал 5, Лукаревска истакна дека независните кандидати се крик на незадоволство од актуелното владеење.

Според неа, сите афери и обвинувања што СДСМ секојдневно ги изнесува јавно, на прес-конференции, се поткрепени со докази.

– Изминатите два дена имавме серија прес-конференции за да се разобличи локалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Секако, се што изнесуваме на прес-конференциите е поткрепено со докази. Огромен број граѓани кои се дел од институциите алармираат до опозицијата која, пак, треба да е кореткив на власта, истакна Лукаревска.

Во врска со независните кандидати, напомена дека нивното презентирање на фактите и аргументите е оправдано.

Лукаревска се осврна и Изборниот законик чии измени не беа донесени во Собранието.

-Препораките на ОБСЕ/ОДИХР се да се донесе нов Изборен законик, каде покрај политичката, ќе ја имаме и стручната фела. Не може да си дозволат претседателот на Собранието и власта да распишуваат избори, а потоа да носат измени на Изборен законик. Сега видовме преседан, а и навикнати сме од претседателот на Собранието на двојни аршини и вакви слични преседани, рече пратеничката од СДСМ.

СДСМ, истакна, ја доби пораката од граѓаните на претходните избори, а сега, на претстојните локални, ќе излезе со одлична кадровска понуда.

-На претходните парламентарни избори ја добивме пораката и критиката од граѓаните. Треба извесен период за соодветни анализи и сондажи за тоа каде потфрливме, но сметам дека сега, а имавме и ново раководство, имаме одлична кадровска понуда за градоначалници. Во тек се и конципирањата на советничките листи каде исто, ќе имаме фасцинантна понуда. Силна опозиција е неопходна, а ние како СДСМ сме на добар пат зашто постојано алармираме на прес-конференции, во рамки на Собранието, во медиумите, предлагаме законски решенија, се бориме за департизација на институциите, потенцира Лукаревска.

Нејзина оценка е дека она што власта го ветуваше минатата година пред изборите, не го исполни и тоа граѓаните ќе го земат предвид кога ќе одлучат за кого да гласаат на локалните избори.

Според Лукаревска, комуналната полиција ќе биде дел од програмата на кандидатката за градоначалник на Град Скопје.

Осврнувајќи се на цените во малопродажбата, укажа дека е целосна заборавена примената на Законот за нефер трговски практики и дека не е донесена ниту една конкретна мерка.