Луѓето кои редовно носат очила имаат помал ризик од зараза со Ковид-19


 

Луѓето кои редовно носат очила имаат умерено помал ризик од зараза со Ковид-19, додека контактните леќи немаат дополнителна заштита, според голема студија која ја нагласува важноста на окото како пат за инфекција со корона вирусот.

Повеќе од 19.000 испитаници во студијата „Вирус воч“ во Англија и Велс одговориле на прашалникот за користење очила и контактни леќи.

Почнувајќи од јуни 2020 година, испитаниците неделно известувале за својот статус во врска со ковид-19, а повеќе од 11.000 од нив давале месечни примероци крв за да се утврди дали се заразени со корона вирус.

Научниците: 15 отсто е помал ризикот од инфекции за оние кои постојано носат очила

Откако зеле во предвид и други фактори на ризик, научниците откриле 15 отсто помали шанси за инфекција кај оние кои изјавиле дека постојано носат очила, отколку кај оние кои никогаш не носат.

Заштитната функција е намалена кај оние кои рекле дека нивните очила им сметаат во носењето маски, а не е воочен заштитен фактор за лицата кои носат контактни леќи, стои во извештајот објавен во понеделникот на medRxiv пред научната рецензија.

„Заштитните очила треба да се земат во предвид како дел од пошироката стратегија за спречување на пренесувањето на инфекцијата во заедницата и тоа може да биде драгоцено за во случај на идни пандемии, но и во занимањата со висока изложеност, вклучувајќи ја и здравствената грижа“, велат научниците.