Луд, збунет, нормален
ЛЕЈЛА САБИТ
Секој втор ден во Македонија се прашуваме: Кој е овде околу нас луд, збунет или нормален?
Комичната серија „Луд, збунет и нормален“ со Мустафа Надаревиќ како Изет-од ТВ екраните ни се случува во реалноста ама како трагична серија.
Тоа е тоа. Јавето се претвори во реални шоуа, сапуници и хумористични серии.
Гледавме “Преживување”,”Фарма”, “Големиот брат”,”Битанги и принцези”,
“Спонзоруши”…
Ниедна не беше македонска продукција, ама сценариото ни е исто.
Преживуваме.
Одгледуваме пченка, копаме во бавча, користиме полско веце…
Лажеме,изневеруваме, глумиме, си подвалуваме, се сакаме и простуваме.
Шпиунираме и кодошиме.
Знаеме да бидеме, добри, лоши, злобни, да се умилкуваме…
Должиме пари, ни должат пари, завидуваме на успех, богатство и на изглед.
Се смееме на сопствена и на туѓа сметка.
Имаме брачни триаголници, се знаат битангите,принцезите и спонзорушите.
Само уште не знаеме кој е луд, кој е збунет, а кој нормален.
Ништо чудно што кај нас се снимаа само досадни серии за обичните луѓе кои се борат со мизерната плата да преживеат до први, а ниту една гламурозна.
Зашто животот околу нас е евтина сапуница, но без т.н. ВИП фаци, ексклузивни гости, поп-ѕвезди и свечени тоалети.
Пред нас се илјада и една ноќ на исчекувања, политички разврски, Ковид-стресови и надеж дека налето ќе се капеме во море.
Озборувањата, интригите, заткулисните игри… продолжуваат и во Новата година.