Лога го поздрави повлекувањето на законот за „црните листи“, Владата порача дека одлуката е само техничка
Измените на Законот за рестриктивни мерки со кошто политичарите и бизнисмените кои се најдоа на „црната листа“ ќе се соочат со санкции и во Македонија, во вторник повторно ќе се најде на владина седница. Откако Владата вчера ги повлекла измените од собраниска процедура, од Министерството за надворешни работи како предлагач на законот тврдат дека измените се последица на изборот на новата влада.
–Поради изборот на новата Влада, предлог Законот за измена и дополнување на Законот за рестриктивни мерки административно треба да се потврди уште еднаш на владината седницата во вторник, велат од МНР.
Министерот за правда, Кренар Лога пак го поздравува повлекувањето на Законот.
-Министерот за правда Кренар Лога ја поздравува одлуката на Владата за повлекување на Законот за рестриктивни мерки со оглед на тоа што претходно Министерството за правда даде негативно мислење и укажа на низа законски пропусти во предложеното решение, велат од Министерството за правда.
Министерството останува на ставот дека предложеното дополнување на наведениот Закон со кое би можеле да се воведуваат, изменуваат и престануваат рестриктивните мерки „врз основа на правни акти на САД и на Обединетото Кралство“ бил во спротивност со уставниот поредок и суверенитетот на Македонија.
-Министерството за правда смета дека воведувањето на рестриктивни мерки со одлука на Владата и врз основа на сомневање не е во согласност со Уставот и со системот на казненото право воопшто. Новите предложени измени од МНР по повлекување на законот, Министерството за правда, откако ќе ги разгледа, дополнително ќе се произнесе, дополнуваат од Министерството за правда.
И покрај негативното мислење што го даде Министерството за овој предлог-закон, тој едногласно помина на владината седница одржана на 16 јануари. Повлекувањето на измените доаѓаат откако на чело на техничката влада беше избран Талат Џафери, кој пак јасно кажа дека е против ова законско решение да се вметне во правниот поредок.
Од друга страна амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер, во вечерашното интервју за ТВ 24, во контекст на предложеното законско решение за рестриктивни мерки, рече дека го поздравуваат секој напор, секој закон и секоја активност со која се бара отчетност кај луѓето.
-Ако таму се луѓето кои ние ги прозиваме за корупција, искрено ја поздравуваме иницијативата за раководството, судството, обвинителите и чуварите на законот и редот да ги имаат и нив предвид. Затоа што од луѓето треба да се бара одговорност. Ние немаме претставници на законот овде, ниту тоа би било соодветно, рече Агелер.
Реакција за повлекувањето имаше и движењето БЕСА.
-Талат Џафери го повлече законот со кој треба да се казнат сите оние функционери и бизнисмени на владата на СДСМ – ДУИ, кои Соединетите Американски Држави ги ставија на црната листа поради нивната вмешаност во финансиски криминал, главно со злоупотреба на позициите и се збогатија на грбот граѓаните, се вели во реакцијата.