Љутков за платите: Ова е само една пресуда, се надевам дека ќе одржиме состанок со Синдикатот за култура


Фото: Б. Грданоски

Ова е само една донесена пресуда, ќе видиме како ќе течат понатаму настаните. Во наредниот период ќе донесеме став, а се надевам и дека ќе одржиме заеднички состанок со Синдикатот за култура, рече денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Одговорајќи на новинарско прашање по увидот во реконструкцијата на Домот на културата „11 Октомври“ во скопската населба Ченто, Љутков информира дека досега се сретнал неколку пати со Синдикатот.

-Ние сме се сретнале неколку пати уште пред март годинава и имавме различни мислења во однос на пресметките на платите. На крајот, министерствата за култура и за финансии заедно со Владата ја направија последната пресметка со која всушност беа пуштени платите. Ќе видиме како ќе течат настаните. Ние сме се сретнале неколку пати во овој период со Синдикатот за култура и СОНК и сме разговарале, сме ги отвориле прашањата не само за платите, туку сме се обиделе да ги отвориме и прашањата за другите работи од Колективниот договор за да го унапредиме. Но, се уште немаме одѕив за другите прашања, единствено е важен сега овој дел, за платите. Се надевам дека во наредниот период, да видиме како ќе течат настаните, ќе одржиме заеднички состанок. Ова е само една донесена пресуда, јас вчера веднаш по пресот побарав да ја видам. Во наредниот период ќе донесеме став по однос на тоа прашање, истакна министерот.

Синдикатот на културата на Република Македонија завчера информираше дека ја доби првата судска пресуда по поднесените тужби со која судот потврдил дека „правата на културните работници биле повредени со незаконските решенија за плати“.