Љутков на европската премиера на „Диџеј Ахмет“ во Брисел


Министерот за култура и туризам Зоран Љутков вечерва во „Синема галерис“ (Cinema Galeries) во Брисел ќе присуствува на премиерната проекција на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, на режисерот Георги М. Унковски,  пред европската публика. Присуството на министерот Љутков е јасна потврда за посветеноста на Министерството за култура и туризам кон поддршка на македонската кинематографија и нејзината меѓународна афирмација.

Филмот е копродукција, реализирана со поддршка од: Агенцијата за филм на Македонија, Српскиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Чешкиот аудиовизуелен фонд и „Еуроимаж“.

„Диџеј Ахмет“ е живот, отпор, љубов

По проекцијата следува панел-дискусија за улогата и значењето на меѓународните копродукции во продлабочувањето на европската соработка во филмската индустрија.

Настанот е во организација на Европската асоцијација на директори на филмски агенции (EFAD), во соработка со Министерството за култура и туризам и Агенцијата за филм на Македонија.

Љутков, во рамките на посетата на Брисел, денеска оствари работна средба со Нела Рајхл, претседателка на Комитетот за култура и образование при Европскиот парламент.

На средбата, Љутков ја истакна цврстата заложба на Министерството за култура и туризам за унапредување на културните политики, со акцент на младите, дигитализацијата и современата промоција на културното наследство, како и на системски развој на креативните индустрии.

Министерот ја потенцираше активната вклученост на Македонија во користењето на европските инструменти за помош и програмите за соработка со земјите членки на Европската Унија, вклучително и ТАЕКС (TAIEX) и другите ИПА-инструменти за претпристапна помош. Тој рече дека Министерството за култура и туризам ги имплементира програмите „Креативна Европа – Култура и Медиа“, кои овозможуваат поддршка за копродукции, мобилност на уметници, европски мрежи и градење институционални капацитети, додека Министерството за образование и наука ги спроведува програмите „Хоризонт“ (Horizon) – за истражувања во технологиите за дигитално наследство и „Еразмус +“ (Erasmus+) – насочена кон образовна и младинска мобилност.  

Љутков нагласи дека Македонија ја препознава сѐ поголемата економска и општествена вредност на креативните индустрии, кои претставуваат стратегиски двигател на економскиот раст, иновациите и меѓународната видливост. Во таа смисла, ќе се интензивира соработката со европските земји кои ги препознаваат културните и креативни индустрии како приоритетен сектор.

Според министерот Љутков, акцент е ставен врз дигитализацијата и дигиталната трансформација, особено во заштитата и промоцијата на културното наследство. Тој рече дека како земја со исклучително богато културно наследство, Македонија посветува големо внимание на зачувувањето на јазикот, фолклорот, традиционалните занаети, фестивалите и музиката како континуитет на културниот идентитет.