Љутков: Домот на културата во Ченто функционален до крајот на годината, до 2028-ма во Скопје уште неколку културни центри

До 2028 година Скопје ќе добие четири или пет мултифункционални културни центри, подготвени да ги дочекаат гостите за Скопје - Европска престолнина на културата, рече министерот


Министерот за култура и туризам Зоран Љутков заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска изврши увид во реконструкцијата на Домот на културата „11 Октомври“ во скопската населба Ченто.

Објектот кој е нефункционален од 1985 – 1986 година, сега, со реконструкцијата, треба да добие современ лик и да стане центар за одржување најразлични видови културни манифестации.  

Како што најавија Љутков и Стефковски, Домот ќе биде енергетски ефикасен, на три нивоа, со сцена за околу 180 гледачи, а ќе има и галерии, канцеларии, шминкерници, библиотека, како и инклузивни решенија (посебен лифт и адаптирани тоалети за лица со посебни потреби). Се очекува да биде пуштен во употреба до крајот на годинава.

-Задоволен сум од динамиката на работите. Реконструкцијата, адаптацијата и санацијата се одвиваат со значителен интензитет и се во завршна фаза. За шест месеци овој објект преку 60 отсто од градежните активности се завршени. Посебно сум благодарен што како Влада одлучивме со повикот за капиталните инвестиции за општините да помогнеме секаде каде што имаше вакви руинирани, заборавени домови на културата, да ги реновираме, да им овозможиме на граѓаните тие места да станат урбани, да бидат посетувани и да имаат голем број културни активности. Се надевам дека до крајот на годината објектот ќе биде завршен. На повикот за Домот беа одобрени околу 86 милиони денари, а досега се пуштени околу 60 милиони денари што е голем процент и тоа дава надеж дека до крајот на годината активностите ќе бидат завршени, изјави министерот по увидот.

Според градоначалникот, Домот на културата е од исклучително значење за општината. 

 

-Повеќе од 50 години овој објект беше црна дупка на територијата на Гази Баба. Моментно градиме Дом по сите европски стандарди, енергетски ефикасен и инклузивен. Се простира на 1 000 метри квадрати, а за негова реконструкција се предвидени околу 86 милиони денари. Убеден сум дека со динамиката на терен, објектот до крајот на годината ќе биде комплетно ставен во функција, истакна Стефковски.

Тој потенцира дека општина Гази Баба ќе продолжи да се развива и во наредниот период и најави целосна реконструкција на Домот за култура во населеното место Нова Колонија.

Министерството за култура и Општина Гази Баба имаат склучено Договор за финансирање на проектот преку капитални формации за општините, во вредност од 87.514.771 денари. Заклучно со септември, реализирани се 53 684 718 денари.

Министерот Љутков во оваа прилика информираше дека моментно се работат 16 – 18 капитални објекти во општините ширум земјава, од кои неколку се во Скопје.

-Со тоа покажуваме дека до 2028 година Скопје ќе добие четири или пет мултифункционални културни центри подготвени да ги дочекаат гостите за Скопје – Европска престолнина на културата во 2028 година, а со тоа ќе заживеат и сите помали населени места и градови кои имале вакви запуштени објекти, рече Љутков.