Љубовта кон морето и сонцето Муцунски ја открил во Бугарија, во Сончев Брег

Министерот ја покани Бугарија да ѝ се придружи на Македонија за заеднички да бидат надминати пречките на европскиот пат на нашата држава


Фото: Б. Грданоски

 

Како мало дето за време на годишниот одмор во познатото бугарско летувалиште Сончев Брег на Црното Море, македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски, за прв пат ја открил љубота кон морето и сонцето. Така, Муцунски за време на денешната сесија на прашања и одговори во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, се обиде да покаже колку луѓето од двете страни на границата се блиски, во времето кога политичките односи меѓу двете држави се многу заострени по неколкуте вета на Софија.

Во соопштението на МНР за настапот на Муцунски во Комитетот, ги нема личните детали од излагањето на министерот, но некои од нив пренесува бугарскиот медиум Бгнес. Муцунски зборува не само за родената љубов кон морето и сонцето, туку и за првите чекори на скии што ги направил неговиот син во многу посетуваното од македонските граѓани зимовалиште Боровец.

„Да се ​​осврнам сега на едно прашање што ме засега мене лично, нашите односи со Бугарија. Едно од моите најрани и најубави спомени е поврзано со Бугарија. Мојот прв одмор како мало дете беше во Сончев Брег, каде за прв пат ја открив мојата љубов кон морето и сонцето. Години подоцна, уште еден убав момент беше кога син ми ги направи првите чекори на скии во Боровец, прифаќајќи ја радоста на зимата во прекрасните планини на Бугарија. Овие лични врски ме потсетуваат на длабоките врски што ги споделуваат нашите народи, изградени со генерации. Сега, сепак, тие врски се под закана. Политиките и дејствијата од последните години поттикнаа недоверба меѓу нашите народи, поткопувајќи ја самата структура на нашите добрососедски односи“, рекол Муцунски, пренесува Бгнес.

Тој порача дека Бугарија ја кочи европската интеграција на Македонија, но тој вели дека владата е силно посветена на евроинтеграциите и на спроведувањето реформи.

„Денеска стојам пред вас како претставник на народот кој чекореше по извонреден пат – обележан со длабоки жртви и беспоштедна издржливост – сето тоа во име на нашата европска иднина. Ние сме земја која го смени знамето, го промени својот устав неколку пати, па дури и го смени своето име. Тоа не беше лесен избор. Бевме убедени дека патот на дијалогот, компромисот и реформите ќе доведе до посветла иднина за нашите граѓани, како дел од европското семејство како примери на храброст, како чекори напред за целиот регион, како доказ за трансформативната моќ на Европа“, рече шефот на дипломатијата.

Муцунски нагласи дека „она што следело не ги исполнило ветувањата“:

„Секогаш кога отстрануваме една пречка, се појавува друга – неправедна, неочекувана и длабоко обесхрабрувачка. Го решивме деценискиот проблем за името со Грција преку Договорот од Преспа, потег што некои го поздравија како триумф на дипломатијата. Но штом тоа поглавје се затвора, се појави уште една пречка која не е поврзана со нашите реформи, нашиот напредок или нашата подготвеност да се приклучиме на Европската унија. Овие променливи услови не се само обесхрабрувачки; тие ја поткопуваат довербата во самиот процес. Тие им отежнуваат на нашите граѓани да веруваат дека нивните жртви некогаш ќе доведат до иднината што им беше ветена“.

Еве што друго рече Тимчо Муцунски:

„Постојаната употреба на ветото од страна на Бугарија во процесот на пристапување во ЕУ е особено болна пречка. Тоа не само што го запира нашиот напредок, туку и испраќа обесхрабрувачки сигнал за состојбата на европската солидарност и взаемно почитување. Со тоа што дозволува билатералните прашања да доминираат во процесот на при пристапувањето, ризикуваме овој механизам да го претвориме во инструмент за поделба наместо во инструмент на единство“.

Дозволете ми да бидам јасен: нашата нација и влада остануваат посветени на дијалог и помирување. Подготвени сме да се вклучиме со добра волја, да бараме решенија кои ќе го почитуваат минатото, додека градат подобра иднина. Но, тоа треба да биде заеднички напор. Напредокот не може да дојде од еднострани барања или ултиматуми; тоа бара меѓусебно почитување, разбирање и храброст од двете страни.

Ја покануваме Бугарија да ни се придружи во овој напор за заедно да ги надминеме овие предизвици и да изградиме односи што ќе го одразуваат вистинскиот дух на европското партнерство“, ги пренесува Бгнес зборовите на Тимчо Муцунски.