„Љубовен автомобил“ – најдобар филм на „Киненова“
Германскиот филм „Љубовен автомобил“ по сценарио и режија на Елкe Маргарете Леренкраус е прогласен за најдобар филм во главната конкуренција на четвртиот фестивал за дебитантски филм „Киненова“.
Наградата за најдобра режија му е доделена на Бабис Макридис за грчкиот филм „Сожалување“, рускиот филм „Човекот кој ги изненади сите“ ја доби наградата за најдобро сценарио напишано од сопружниците Алексеј Чупов и Наталија Меркулова.
Специјална награда за најдобра улога ѝ е доделена на актерката Снежана Богдановиќ за улогата во српскиот филм „Шевови“ на режисерот Милорад Терзиќ.
Тричлено жири во состав Витали Мански (претседател) и Јесин Устаоглу и Ана Хофман (членови) одлучи за наградите во главната програма во која се натпреваруваа седум филма, а беа доделени синоќа во Кинотеката.
Во конкуренција на кратки филмови, наградата за најдобар меѓународен краток филм ја доби „Капетанот“, најдобар македонски краток филм е „Готлиб“, а специјална награда добија „Мојата сестра“ и „Змијулче“.
Фестивалската програма на „Киненова“ продолжува со програмата „Фокус на современата унгарска кинематографија“ во која од денеска до 13 октомври ќе бидат прикажани филмовите „За тело и душа“ и „Мојот 20 век“ по сценарио и режија на Илдико Ењеди, и „Нежен син: Проектот Франкештајн“ и „Јупитеровата месечина“ по сценарио и режија на Корнел Мундручо.