Љубојна го отвора „Кривопаланечкото културно лето 2026“
Во пресрет на официјалното отворање на „Кривопаланечко културно лето 2026“, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, преку лично видео-обраќање упати искрена и непосредна покана до сите граѓани и посетители да бидат дел од почетокот на најголемата летна културна манифестација во градот.
Во духот на домаќинското работење, отворената комуникација и блискоста со граѓаните што ја одбележуваат неговата работа, градоначалникот лично ги покани сите љубители на македонската музика, културата и добрата енергија на свеченото отворање што ќе се одржи на 24 јуни, на Летната сцена во центарот на градот.
Честа да го отворат годинашното издание на Кривопаланечкото културно лето ќе ја има една од најреномираните македонски музички групи – „Љубојна“, чиј настап ќе го означи почетокот на лето исполнето со култура, уметност и незаборавни доживувања.
„Кривопаланечкото културно лето не е само манифестација, туку заедничка приказна на градот, на граѓаните и на сите посетители. Затоа, секој е добредојден да биде дел од отворањето и од богатата програма што следува во текот на летото“, порача градоначалникот Митовски.
Годинашната програма опфаќа повеќе од 60 културни настани – концерти, изложби, театарски претстави, книжевни и музички вечери, детски содржини и бројни други настани наменети за сите генерации.
Општина Крива Паланка ги повикува сите граѓани, гости и посетители да бидат дел од свеченото отворање и заедно да уживаат во културното лето кое и оваа година ќе ја потврди Крива Паланка како еден од најзначајните културни центри во државата во текот на летната сезона.