Љубиша Камењаров со уметничка инсталација на плоштадот во Автокоманда
Скулптуралната инсталација „Управило и наследството на Мурто“ на македонскиот уметник Љубиша Камењаров ќе биде претставена на 17 септември на плоштадот во автокоманда во организација на КЦ 750.
Инсталацијата ќе биде изложена во 20 часот, а ќе може да се погледне до 19 септември.
Скулптуралната инсталација „Управило и наследството на Мурто“ која е концепциски и ликовно поврзана со претходните дела „Рамнотежист“ и „Управило“, сега како продолжение прикажува како човечката фигура, со поедноставени (апстрахирани) анатомски одлики, која во контекст на просторот и поставеноста, ја отсликува важноста, ја нагласува доминантноста и значењето на субјектот и темата.
Надоврзувајќи се на предходните размисли и нивната реализација преку ликовни средства повторно ја забележува и преиспитува состојбата и поставеноста кај единките и групите, поточно хиерархиската поставеност во нивните меѓусебни односи.
Како алегорија, се препознава старата народна мудрост, која потсетува што е она што ги одредува правилата на игра (и играта воопшто!) и води, управува, влијае на поклониците.
Љубиша Камењаров е роден во Скопје 1978 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек вајарство, во 2004 година. Од 2003 до 2014 е учесник на голем број групни изложби, ликовни колонии и фестивали. Од 2005 до 2007 година работи на изработка на сценографии за драмска и филмска продукција. Од 2007 до 2017 година е член на перформативната група „Свирачиња“.
КЦ 750 е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот, поддржан од Министерството за култура е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. КЦ 750 преку мобилниот концепт ќе се обиде на неконвенционален начин не само да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје, туку и да понуди децентрализирачки концепт на ширење на културата.