Лиза Жерар од „Дед кен денс“ го потврди концертот во Скопје
Во период кога „Дед кен денс“ се на турнеја низ соседните држави, тимот на Младинскиот културен центар успеа да ја букира едната половина од овој експериментален музички состав. Лиза Жерар на 8 октомври ќе одржи концерт во Македонската филхармонија заедно со женскиот хор од соседна Бугарија, „Мистери војсис“.
Првите 300 влезници за овој концерт ќе чинат по 1.000 денари.
Инаку, по потекло од ирски емигранти, Лиза Жерар е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години. Прилично експерименталната постпанк музичка сцена кон крајот на 70-тите во Мелбурн ја спојува со Брендан Пери, со кого во 1981 го создаваат уникатниот проект „Дед кен денс“ (Dead Can Dance), кој опстојува и денес со неколку креативни прекини.
„Дед кен денс“ се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два вокала, кои со својата моќност и боја како да го сликаат почетокот или крајот на светот. Лиза Жерар и Брендан Пери својата инспирација во изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење.
Нивната музика може да ве потсетува на сè претходно доживеано и чуено, но и на ништо, да ви биде комплетно нова и свежа.
Во професионалната биографија на Лиза се впишани неколку соло проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка, но и како изведувачка. Така, за музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Ханс Зимер беа наградени со „Златен глобус“.
„Мистери војсис“ (The Mystery Of The Bulgarian Voices) се женски хор од Бугарија, кој опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Светот за првпат слушна за овој хор кон крајот на 80-тите години на минатиот век, кога хорот го издава својот истоимен албум „Le Mystère des Voix Bulgares“, кој се продава во огромен тираж и ги освојува светските сцени со своето мистично акапела пеење. Нивниот втор албум „BooCheeMish“ се појавува по речиси две декади и на него тие соработуваат со Лиза Жерар, со која, иако потекнуваат од различни култури, создаваат една природна бајколика симбиоза.
Дознаваме дека од МКЦ преговараат и со Џим Џармуш, кој треба да дојде во улога на музичар и да одржи концерт. Најавени се и Британците „Тајгер лилис“ чиј настан треба да се случи на затворањето на годинешниот Млад отворен театар (МОТ).