Ана Лирман: Договорот со ЕУ e фер и подобар нема да има

„Оваа дискусија околу Уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија и од ниедна друга земја“, рече француската министерка за европа Лоранс Бун


Фото: Б. Грданоски

 

Сега е момент за преземање политичка одговорност, сега е момент да се дејствува, сега е момент да се рече „да“ на европската иднина – порача денес од Скопје германската министерка за Европа, Ана Лирман, која заедно со колегите од Франција и од Полска, Лоранс Бун и  Шимон Шинковски вел Сенк  дојдоа да нѐ охрабрат да ги направиме уставните промени и да ја засилат кредибилноста на тоа што го ветуваат од ЕУ – бидејќи довербата кај нас во процесот сериозно е нарушена. Дека се приврзани на земјата и дека се наши вистински поддржувачи тие илустрираа со бројот на посети досега – Лирман беше тука по четвртти пат, Бун по седми, а Шинковски – по петти пат. 

Откако ја оцени како клучна фазата во која се наоѓа државава, Лирман порача дека договорот меѓу Македонија и ЕУ што ни отвори пат за преговори е фер, дека подобар нема да има и дека прашањето околу приемот на нашата земја во  Унијата сега е во наши раце. Таа јасно нагласи дека нивната заложба е Северна Македонија биде дел од ЕУ,  нѐ поттикна да продолжиме со реформите и како следен чекор – да ги направиме измените на Уставот , бидејќи сѐ друго ќе биде штетно за влегувањето на државата во ЕУ.

„Договорот помеѓу ЕУ и Македонија е фер и нема да има подобар договор. Иднината на вашата земја е во вашите раце, ќе ве поддржуваме колку што можеме на патот кон членството“, рече Лирман.

Запрашана што ќе порача на ВМРО-ДПМНЕ кои се противат на измените таа рече дека место порака ќе им упати прашање – која е нивната идеја за иднината на земјата?

„Процесот се движи брзо, ако не се движите и вие, ќе го пропуштите“, рече Лирман додавајќи дека е убеден Европеец и дека е убедена дека ЕУ ќе биде посилна со Македонија внатре. 

Француската министерка Бун имаше три пораки: дека Северна Македонија припаѓа на семејството на ЕУ, дека одлуката ќе биде наша и дека сега треба да се направи чекорот, поради моментумот што постои во проширувањето. 

„Оваа дискусија околу Уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија и од ниедна друга земја“, рече Бун, па повика ентузијазмот што го имаше пред една година во Брисел на првата меѓувладина конференција  да се види повторно. За да не разувери во сомнежите таа рече дека светот се сменил изминатата година, се сменила и геополитиката, а проширувањето се покажало како неопходност и дека 2030 година што ја фиксиравме како датум за прием во ЕУ е достижна цел. 

На прашањето дали е свесна дека Франција е директно виновна за сегашната состојба околу уставните измени и колку пречки беа ставени пред Македонија на патот до преговорите што ги прави тие измени многу тешки за исполнување, таа одговори дека, напротив, Франција ја одблокирала европерспективата на Македонија која била заглавена 15 години, а ако мислиме на промената на методологијата, идејата била таа да го направи процесот помалку фрустрирачки, поефективен и побрз. Таа притоа порача дека македонскиот јазик ќе биде официјален јазик на ЕУ, што се видело и од договорот со ФРОНТЕКС, а француското претседателство јасно рекло дека местото на Македонија е во Унијата, нешто што сега тоа зависи само од нас. Притоа додаде дека и во Франција гласале повеќепати за уставни измени и знае колку тешко може да биде тоа, но најголем сон ѝ е наесен да ги продолжиме преговорите со ЕУ.

„Нема да има дополнителни барања од Бугарија или од било која земја. Ова е единственото барање, да се промени Уставот и автоматски сте во следната фаза на преговорите. Сакам да бидам јасна, ова сакаме да биде што побрзо. Имате 22 таргети кои мислам дека ќе ги исполните. Јас пренесувам порака на поддршка и на доверба од претседателот Макрон дека Македонија ќе го направи клучниот чекор и ние сме подготвени да ви помогнеме најдобро што можеме“, порача Лоренс Бун.

 Шинковски рече дека неговата земја била голем поддржувач на влезот на Западен Балкан во ЕУ, посебно на Македонија.

„Пораката е едноставна: Полска, Германија и Франција сакаат да ја поддржат Македонија. Знаеме дека направивте жртва и тоа ЕУ мора да го препознае. Полска и Македонија имаат одлична соработка, денес сме сојузници во НАТО и сакаме што побрзо да влезете во ЕУ“, потенцира Шинковски.

„Целосно го разбирам разочарувањето во Северна Македонија што немаше прогрес на овој пат досега и разбирам колку фрустрирачки можат да бидат преговорите“, рече полскиот министер но тоа што сите тројца дојдоа да не охрабрат во исто време го посочи како специјален сигнал.  

Нашиот министер Бојан Маричиќ, пак, порача дека е домаќин на вистински пријатели и искрени поддржувачи на Македонија.  Тој додаде дека е време за храбри одлуки, за реафирмација на нашата стратегиска цел и за давање нова динамика на процесот. Според негова оценка, на целиот регион му е потребна јасна временска и реформска рамка за проширувањето, односно сакаме да знаеме кога може да очекуваме дека ќе се случи заради кредибилност на процесот.

„Очекувам на сите политички партии да им биде приоритет да го продолжиме процесот на преговори  без никаква штета и без да се вратиме во чекаланата  на ЕУ, што веќе сме ја виделе. Имаме прилика која ретко се појавува“, предупреди Маричиќ.

„Вајмарската тројка“ од Клубот на пратениците отиде на средба со претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а потоа ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координаторите на пратеничките групи.

Како што е најавено, утре министерка за Европа и за клима на Сојузна Република Германија, Ана Лирман ќе учествува на настанот на тема: „Подготовка за проширување на ЕУ“, што го организира Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ)