Линеарното зголемување на пензиите не е неуставно, одлучи Уставниот суд
Уставниот суд денеска соопшти дека ја запира постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година, со што престанува преиспитувањето на линеарното зголемување на пензиите. Како што информираа оттаму предлогот не добил мнозинство и актот останува во правниот поредок.
– Во сила останува линеарното зголемување на пензиите. Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот денеска ја сопре постапката, велат оттаму.
Постапката за оценување на уставноста на член 2 од измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување од 2025 година, беше поведена затоа што, според Судот, линеарното зголемување на пензиите што тој го предвидува може да ја наруши уставната еднаквост, правото на сопственост и начелото на социјална сигурност, бидејќи еднакво ги третира пензионерите со различни придонеси и создава непропорционални ефекти.
Воедно, на денешната седница Уставниот суд на Република Северна Македонија разгледа повеќе иницијативи и предлог-одлуки и одлучи да не се поведе постапка за членови од Законот за заштита на потрошувачите кои се однесуваат на употребата на македонскиот јазик и јазикот на заедниците со најмалку 20% застапеност.
Постапка, согласно информациите се поведува за Законот за судскиот буџет, во делот за Академијата за судии и јавни обвинители, Законот за семејството, во однос на роковите за тужби за оспорување татковство, Законот за индустриска сопственост, во делот „на самостоен орган на државна управа“ и за одлуката за промена на имиња на улици и инфраструктурни објекти во Општина Тетово.
Не се поведува постапка за Деталниот урбанистички план за Горно Лисиче. Додека, за иницијативите поврзани со Законот за извршување и Законот за адвокатурата, Судот не донесе одлука поради недобиено мнозинство гласови.
Од одлуките со кои се укинуваат одредби, укинат е член 40 став 2 алинеја 4 од Статутот на Општина Сопиште, укинат е член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Центар – Скопје, укинати се одредби од Законот за вршење на сметководствени работи кои предвидуваа одземање уверение на сметководителите како дисциплинска мерка и укинати се делови од Законот за управување со движењето на предметите во судовите, кои се однесуваат на роковите за правосилност на одлуките.
Покрај запирањето за постапката за член 2 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, запрена е и постапката за делови од член 9 од Законот за управување со движењето на предметите во судовите.