Лимани: Историјата за ОНА не може да се избрише


VВМРО-ДПМНЕ не успеваат да го решат прашањето за заедничката историја со Бугарија, а сега отвораат историски фронт и со албанските партии во земјата. По реакцијата на ДУИ, и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани порача дека историјата на ОНА не може да се избрише од никого.

-ОНА не може да се избрише како историја, а ние нејзините основачи и да сакаме да ја избришеме, нема да го постигнеме тоа, изјави Лимани околу ставот на министерката Весна Јаневска за споредбите на комитите и УЧК кои ги даде по настаните со прославата на албанското знаме во образовни установи.

– Мојот татко е загинат како бранител. Историјата не може да се избрише. Министерката требаше да биде малку повоздржана во овој правец. Таа самата во вториот дел на изјавата спомена дека сите мајки од двете страни беа изгорени од војната во 2001 година. Сепак тоа го оставам на нејзиното ниво, рече Лимани.

На прашањето дали ќе се побара одговорност од министерката на владина седница, Лимани рече дека таа за својата работа одговара пред премиерот, но како што кажа, ако тоа го кажел првиот човек на Владата, ќе побарал одговорност.

За можноста тој да биде иден кандидат за градоначалник на општина Кичево од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ/ВЛЕН тој не даде прецизен одговор.

– Што се однесува до ВМРО, прашајте ги нив кој ќе им биде кандидат. Но, јас ви гарантирам дека наредниот кандидатот од ВЛЕН за Кичево ќе биде победник во изборите. Тоа ќе биде последниот удар врз диктатурата во последните 25 години, одговори министерот Лимани на настан по повод Меѓународниот ден за лицата со попреченост во Гостивар

Министерот Фатмир Лимани во одговор на новинарско прашање околу наводите за непотизам при вработувањето на неговата ќерка, зет и брат во време кога бил заменик-директор на ЕСМнего, посочи дека доколку има конфликт на интереси, ќе понесе одговорност.

– Вие вчера требаше да се обратите до мене, пред да ја изнесете оваа вест и ќе ви кажев дали сум вработувал или не. Мојата ќерка е вработена пред околу седум години во МЕПСО, а јас бев заменик-директор во ЕСМ. Што се однесува до мојот брат, тој беше директор на Центар за социјална работа во минатиот владин состав и јас го разрешив. Ако тука има конфликт на интереси, јас сум подготвен да одговарам, одговори Лимани.