Личниот сон на Александар Николоски бил брза пруга меѓу Скопје и Солун


 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски има сон Европа да преземе иницијатива и да помогне Скопје и Солун да се поврзат со брза пруга. Николоски, кој учествува на серијата настани во Брисел организирани од тинк-тенкот „Пријатели на Европа“, посветени на европската иднина, во своето обраќање најмногу зборуваше за инфраструктурни поврзување.

„На пример, мојот личен сон, мислам дека Скопје и Солун треба да се поврзат со брза железница и за еден и пол час се оди од Скопје до Солун, од едната до другата страна на географска Македонија“, рекол Николоски според транскриптот што го испрати неговата партија.

Тој на расправата се заложил и Европската унија да помогне во финансирањето на брза пруга од Виена до Солун преку Белград и Скопје. Според Николоски, тоа е важно за да има европска иницијатива во регионот кој е под влијание на кинескиот проект „Појас и пат“. Во мрежата брзи железници линијата Белград-Скопје-Солун е многу слаба точка и Николоски предлага ЕУ да обезбеди грант Грција, Македонија и Србија да ја завршат оваа брза пруга и да ја поврзат Европа со нејзиниот југ.

Според него, двете големи грчки пристаништа, Пиреја и Солун, не се користеле добро затоа што немале соодветна инфраструктура.