Лицето што скрши стакло на бугарската амбасада – не е етнички Македонец
Лицето што скрши стакло на вратата на бугарската амбасада во Скопје не бил етнички Македонец и бил бездомник.
Ова го објави Петар Колев, лидер на бугарска политичка партија во Македонија, во интервју за бугарски медиум, во рамки на драматизирањата во соседната држава на овој настан, кој наводно е доказ за омразата што системски се создава во државата кон Бугарите – иако да не е премиерот Христијан Мицкоски и неговите потреби за замајување на јавноста, никој не се занимава речиси со оваа тема.
„Чудно е што лице кое не е Македонец и живее на улица би извршило таков чин без дополнителен поттик“, рече Колев во дебата во која неговата соговорничка сугерираше дека можеби напаѓачот бил платен за да ја направи оваа провокација, иако во моментов таа им одговара повеќе на кругови во Софија.
Во својата анализа, Колев ги спореди односите меѓу Северна Македонија и Бугарија со оние меѓу Северна и Јужна Кореја, кои толку многу заостануваат во својот развој токму поради политичките режими. Колев не ја исклучи можноста Бугарија да инсистира на запирање на европските средства за Северна Македонија:
„Средствата за пристапување доаѓаат од нашите даноци – од европските земји. Исто како што можат да бидат запрени за Унгарија, можат да бидат запрени и за Северна Македонија“, порача тој во интервјуто.
Паралелно, Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека повело постапка против 55-годишно лице, осомничено дека на 11 јануари со камен го скршило стаклото на вратата на
Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Осомничениот, како што наведува Обвинителството, „од омраза ја оштетил влезната врата на Амбасадата на Република
Бугарија, така што со камен го скршил стаклото на вратата и веднаш се одалечил во непознат правец“.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор, со образложение дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и основано стравување дека осомничениот би можел да го повтори делото“, стои во соопштението.