„Либертанго“ вечерва на сцената на НОБ
На сцената на Националната опера и балет вечерва со почеток во 20 часот, публиката ќе може да ужива во балетската претстава „Либертанго“ – Астор Пјацола.
Претставата води низ приказна која го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето.
Приказна поврзана со историјата на семејството Пјацола и уметничкиот раст на Астор Пјацола со кој се искачи на врвот на светската танцова сцена.
Кореографијата е на Сабрина Боско (Италија), а режијата и либретото се на Наташа Поплавска. Сцениографијата и костимографијата ги изработи Александар Ношпал.
Настапуваат: Александра Мијалкова (Асунта Манети Пјацола), Васил Чичијашвили (Висенте „Нонино“ Пјацола), Марија Кичевска Шокаровска (Марија Нивес Рего), Игор Веланоски (Хуан Карлос Копес), Наташа Јосифовска (Карменсита Калдерон) и Марија Јосифовска Ристовска (Деде Вулф). Трите гангстери и танго-танчари ги толкуваат Мирослав Митрашиновиќ, Јан Кисилев и Ендру Кук (Англија).
Настапуваат истакнати солисти, солисти и целиот балетски ансамбл на Националната опера и балет.
Билетите се по цена од 300 денари и може да се набават на билетарницата на НОБ.