Левица за проектот „Иловица-Штука“: Злато за корпорациите, отрови за народот
левица смета дека зад правните формулации за „почитување на судската одлука“ и „правна сигурност“ Владата на Мицкоски практично призна дека повторно се враќа на маса проектот „Иловица–Штука“, а државата повторно го отвора патот за еден од најконтроверзните рударски проекти во историјата на Македонија.
„Да, судските одлуки мора да се почитуваат, но Владата нема обврска да стане политички портпарол на мултинационална рударска корпорација, ниту има право приватниот економски интерес да го претставува како јавен интерес.
Со години граѓаните од Струмичкиот регион, научната јавност, екологистите и земјоделците предупредуваат дека отворањето на огромен површински рудник за бакар и злато ќе донесе сериозни ризици за водните ресурси, земјоделското производство и животната средина. Овие ризици не се измислица, туку се предмет на бројни домашни и меѓународни анализи и јавни дебати.
Дури и во техничката документација поврзана со самиот проект се анализира ризикот од создавање киселински рударски дренажи и потенцијалното испуштање метали, како и потребата од долгорочно управување со ваквите ризици за време и по затворањето на рудникот.
Владата денес зборува за нови инвестиции и работни места, но, молчи за тоа дека струмичкиот регион е еден од најважните земјоделски региони во државата, молчи за водата од која зависат илјадници семејства. Молчи за тоа што профитот од ископаното злато и бакар ќе заврши кај акционерите и инвеститорите, додека потенцијалните еколошки и социјални последици ќе останат да ги носат граѓаните со генерации.
Особено загрижува фактот што Владата уште однапред најавува дека очекува отпор од локалното население и граѓанските организации наместо да застане во заштита на јавниот интерес. А, јавниот интерес се штити со независни експертизи, целосна транспарентност и вистинско учество на граѓаните во носењето одлуки“, реагира левица излегувајќи со неколку барања:
– објавување на целокупната документација поврзана со проектот;
– независна меѓународна ревизија на сите еколошки, хидролошки и геолошки студии;
– јавни расправи во сите засегнати општини, а не формални процедури;
– вклучување на универзитетската и научната јавност во процесот на оценување и
– гаранции дека здравјето на граѓаните, земјоделството и водните ресурси нема да бидат жртвувани за профитот на една мултинационална компанија.
„Македонија не смее повторно да стане евтина рударска колонија. Нашата вода не е берзанска стока. Нашата плодна земја не е рударски отпад. Нашето здравје не е цена што сме подготвени да ја платиме за туѓ профит“, порачуваат од Левица.