Левица за нападот на „Инфомакс“: Власта мафијашки ги заплашува новинарите


 

Нападот во реадкцијата на „Инфомакс“ и тоа за време на емитувањето на емисијата со голема гледаност, „Тешки муабети“, предизвика реакции од многу страни и во голема мерка е протолкуван како силин притисок врз слободата на медиумите и слободата на говорот.

Во својата реакција Левица вели дека нападот „претставува уште еден алармантен доказ за мисловниот и морален амбиент што го создава власта на ДПМНЕ. Амбиент во кој политичката сила не се изразува преку идеи, аргументи и визија, туку со заплашување, примитивизам и необуздано насилство. Овој упад, напад, кршење врати и физичка пресметка со новинари е симбол на владеење кое се плаши од слободен збор и од неконтролирано јавно мислење“.

Левица нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ ја губи контролата и самодовербата, па бара спас во кукавици скриени зад анонимни насилници. „Ова е вмровската ‘политичка култура’ што повеќе личи на мафијашка логика отколку на демократско владеење.

Насилното упаѓање во студио среде емисија во живо, е огледало на политичкиот поредок кој го градат Мицкоски и неговиот круг. Тоа е поредок во кој слабоста се прикрива со агресија, а празнината со театрални испади.

Но, колку повеќе власта сака да изгледа силна, толку повеќе покажува колку е уплашена. Нашата порака е Христијан Мицкоски да си ги собере пајташите и да престане да ги пушта насилничките продолжени раце да му го поправаат рејтингот“, велат од Левица.