Левица: Владата сака да се отараси од ЕСМ, сметката ќе ја платат граѓаните
„Планот на Владата да се отараси од ЕСМ со тоа што ќе го препушти на милост и немилост на приватните банки е уште еден доказ дека власта предводена од ДПМНЕ воопшто не се грижи за јавниот интерес“, порачаа денес со соопштение од Левица.
Според оценката, задолжувањето на ЕСМ со приватен финансиски капитал може да доведе до стечај на оваа државна компанија од стратешко значење и да е преставува чекор пред нејзино приватизирање.
„ Изјавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска, дека ЕСМ својот спас треба да го бара кај приватни банки (поради расипничкото работење на претходната власт) ја оценуваме како крајно неодговорна! Наместо новата власт да иницира одговорност за работата на претходните раководства, цехот од приватните кредити ќе го плаќаат граѓаните преку поскапа струја. Владата, наместо да инвестира во ЕСМ, продолжува да се задолжува за непродуктивни проекти, што дополнително ги оптоварува државните финансиски ресурси. Отуѓувањето на Електродистрибуција ги потврди лошите практики од приватизацијата во овој сектор и покажа дека на грбот на граѓаните профитираат странците,“, оценува Левица.
Според партијата очигледно е дека новата влада на ДПМНЕ не успева да го стабилизира домашното производство на јаглен и продолжува со скап увоз, што дополнително ја зголемува цената на струјата.
„Откажувајќи се од сопственото производство на електрична енергија во корист на приватни интереси, Владата ги намалува буџетските приходи и дополнително ги оптоварува граѓаните со поголеми сметки. Новата Влада, не само што не го примени „мерит“ системот при изборот на кадри во државните енергетски компании откако ја презеде власта, туку ги игнорира и бројните злоупотреби во енергетиката за кои во минатото се говореше од нивните партиски говорници: криминалната набавка на јаглен и адитиви, реконструкцијата на цевен систем, тендерската документација за Чебрен, договорот со „Митилинеос“ и слично. ДПМНЕ, иако има скоро апсолутна власт,но сепак, не ги санкционира неправилностите во управувањето со државните ресурси и продолжува со деструктивна политика, што ја турка земјата во енергетска нестабилност и зависност од скап увоз“, велат од Левица.
Според нивна оценка приватизацијата на енергетските капацитети довела до профитирање на мал број компании на сметка на јавниот интерес.
„Потребно е враќање на државата како клучен играч во енергетскиот сектор. За да се осигура долгорочна енергетска безбедност, неопходно е да се инвестира во државните капацитети. Приватните интереси не смеат да го заменат националниот интерес и државната стратегија за енергетска независност. Во спротивно, постојат опасности од нестабилна енергетска мрежа и дополнително зголемување на енергетската сиромаштија. Само универзален државен снабдувач може да гарантира стабилизација на цените на електричната енергија, за што се залага и Левица. Во спротивно, државата со народни пари ќе продолжи да ги полни џебовите на странските компании – создавање на државни капацитети ќе нема, државата ќе остане зависна од странски компании, додека народот е принуден да плаќа сè повисоки и повисоки сметки за струја“, порачуваат од Левица.