Левица тврди: Командирот кој пушти убиец бил дел од инцидентите на Илинден


Левица денес алармираше дека веќе суспендираниот командир Срѓан Димитриевски, кој учествуваше во бегството на осудениот затвореник за убиство Беким Мемети, бил дел од параполицијата која учествувала на инцидентите за илинденската прослава.

-На објавената слика од Енис Мурат, вработен во затворот „Шутка”, заедно со директорот Филип Андонов – Сокол, е суспендираниот командир, Срѓан Димитриевски. Иако според Законот за извршување на санкциите, затворската полиција не смее да се ангажира да извршува работни задачи надвор од казнено-поправните установи, овие лица за време на инцидентите на прославата, неовластено даваа насоки до полицијата. Левица тогаш јавно побара од директорот на Управата за извршување на санкциите, Марјан Спасовски да преземе мерки за санкционирање на директорите на казнено-поправните установи и на затворската полиција која вршеше неовластени дејствија. По скандалозното јавно признание од страна на Марјан Спасовски дека знаел за командирот Срѓан Димитриевски дека бил претходно избркан поради примање мито, повеќе од јасно е дека Спасовски ги штити своите партиски извршители, кои се сликани со високи партиски функцкионери на СДСМ, порачува Левица со соопштение.

Партијата бара министерот за правда Никола Тупанчевски, кој ги премолчи инцидентите за Илинден, да се одважи конечно пред јавноста и да побара итно разрешување на директорот на Управата за извршување санкции – Марјан Спасовски.