Левица со седум точки за Гаши, за него интерпелацијата е полна со исламофобија и албанофобија

Гаши рече дека „ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието“


Димитар Апасиев ја образложува интерпелацијата за Африм Гаши (Фото: Б. Грданоски)

 

Правно заснована и втемелена на факти или пак, зад интерпелацијата која ја поднесе Левица против претседателот на Собранието Африм Гаши стојат сосема поинакви мотиви – пред сѐ исламофобија и албанофобија. Помеѓу овие две крајности денеска во парламентот дом се води дебата околу одговорноста на Гаши во текот на неговото претседателствување, што Левица ја срочи во интерпелација во која доминираат седум точки, иако, во меѓувреме, откако е поднесена, како што истакна пратеникот Димитар Апасиев, може да придодадат уште неколку скандали.

Гаши, во одговор на обвинувањата од Левица, рече дека поднесената интерпелација за неговата работа е можност да се ислушаат спротивставените мислења, но дека „ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието“.

Образложувајќи ги причините за поднесената интерпелација, Апасиев рече дека ја темелеле на седум точки, но иако во меѓувреме сторил уште три-четири скандали, за „свадба на Косово“ и пеењето „шота на 2 Август“, како што нагласи ќе остави да зборува премиерот Христијан Мицкоски.

Интерпелацијата, како што посочи  Апасиев, се заснова на направена повреда на начелото на секуларност – со верскиот обред во Собранието, на дипломатските правила за обезбедување на ВИП личности – со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка, на употребата на македонскиот јазик – при давањето на свечената изјава, на правилата за употреба на државното знаме, грб и химна, на начелото на инкомпатибилност на функциите – со неконстатирање на престанок на мандат на пратеникот Талат Џафери, на законските и етичките одредби за антинепотизам – присуството на сопругата на Гаши во државната делегација во Вашингтон и за повреда на деловничките одредби за нормална работа на пратениците.

„За разлика од вашиот претходникот Талат Џафери, кој беше мајстор за скандали, Вие го надминавме и практично за 100 дена направивте рафал од скандали и станавте можеби велемајстор“, рече Апасиев. 

Ќе видиме, нагласи Апасиев, дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе Ви овозможат неказнивост денеска, потенцирајќи дека во овие 100 дена се прекршени Уставот и четири закони – Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за Собранието, Законот за пратениците и Изборниот законик.  

СДСМ ќе ја поддржи интерпелацијата (Фото: Б. Грданоски)

Како одговор на излагањето на Апасиев, Гаши рече дека парламентот е место каде треба да има отчет, а граѓаните го даваат последниот суд.

„Како човек сум отворен и не кријам ништо и од никого, туку сакам отворен пристап за сите прашања. Затоа јавно поставувам прашање, на кого му служи оваа интерпелација и за каква цел. Сигурен сум дека одговорот на овие прашања ја дава суштината на оваа интерпелација. Левица е партија којашто идеолошки треба да го обединува и храни народот со теоријата за еднаквост, но за жал во реалноста таа е партија што многу често се профилира екстремно десно со своите ставови – против нашата евроатлантска интеграција, нашата посветеност за добрососедски односи и нашата посветеност за меѓуетничка хармонија. Многу е лошо кога се игра на картата на национализмот, за осудување на другиот без да се слушне другата страна. Не е потребно длабоко разбирање на политиката за да се види дека тие што се против нашиот европскиот пат и ја загрозуваат нашата внатрешната етничка кохезија дека тие работат против постоењето на нашата држава“, рече Гаши. 

Иако интерпелацијата изгледа правно формулирана, според Гаши таа е чисто политички мотивирана и самиот текст е преполн со исламофобијата и албанофобија. 

Седницата потоа ја водеше потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.

„Ова не е интерпелација против Африм Гаши, туку против верската припадност на претседателот на Собранието. Ова не е интерпелација кон пречекорување на овластувањата на претседателот на Собранието во однос на безбедноста, туку против добрососедските односи и заложби за повлекување на признавањето на Косово, ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата против албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот. Ова не е интерпелација кон знамето на ЕУ и НАТО, туку интерпелација кон нашата стратешка цел“, изјави Гаши.

За него, како што посочи, е најважно да остане со чист образ и чиста душа.

Инаку, претресот по интерпелацијата на работата на претседателот на Собранието трае еден работен ден, до исцрпување на пријавените за збор – вкупно 21 пратеник. Денешната 13. седница на Собранието е прва пленарна седница по одморот на пратениците.

Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група на Левица, а поддршка даде опозициската СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ и коалициониот партнер „Вреди“ нема да дадат поддршка.

Во дискусијата пратениците од власта и од опозицијата искажаа различни ставови околу предложената интерпелација. Пратениците на СДСМ кои се јавија за дискусија изјавија дека ќе ја поддржат интерпелацијата. 

Пратеникот Миле Талески од редовите на СДСМ рече дека наместо одговорност, премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО- ДПМНЕ молчат за скандалите со Гаши, какои дека се враќа неказнивоста.

„Пратениците на  СДСМ и коалицијата ќе гласаат за интерепелацијата на претседателот на Собранието. Имаме обврска да застанеме на патот на башибозукот и безаконието коешто од првиот ден го промовираа партиите од власта“, рече Талески.

Тој рече дека за само два месеци се случија серија скандали на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а одговорност нема за никого, мислејќи притоа на безбедносниот инцидент на аеродромот во Скопје, како и на преминот Блаце, но дека Мицкоски ја испуштил шансата да побара политичка одговорност.

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ имаа шанса да побараат политичка одговорност. Но не го направија тоа. Си молчите. Човек да се запраша дали сте вие истите од пред изборите“, рече Талески. 

Од друга страна пратениците на ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека нема да ја поддржат интерпелацијата.

Така, пратеникот Бојан Стојаноски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи интерпелацијата од најмалку три причини, како и дека нема прекршување во рамките на надлежностите претседателот на Собранието, а прекршителите на законите се пронајдени и санкционирани

„Ова е интерпелација која што нема никаква допирна точка со реалноста и прекршувањето на собраниските процедури“, рече Стојановски. „ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи оваа иницијатива најмалку од три причини, првата е бидејќи нема прекршување во рамките на надлежностите претседателот на Собранието; второ, кога ќе ги видите оние седум причини сите сторители на дела кои што одат во насока на непочитување на законите во МВР како прв пат досега се пронајдени и санкционирани и има за нив постапка. Трето заради тоа што е несериозна и глупава затоа што во точка 7 и под точките в, г, д  и видете таму има за постполноќни сеанси напишано замислете и основ за интерпелација за паркинг“, рече Стојаноски. (Н.В.)