Левица предлага сите стратешки објекти да ги чува АРМ
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денес во Собранието на Република Македонија одржа прес-конференција на која најави изготвување на нов Предлог-закон за критична инфраструктура. Со предложеното законско решение, Левица бара обезбедувањето на стратешките објекти и критичната инфраструктура од највисоко национално значење да го врши Армијата, во координација со другите надлежни институции.
Осврнувајќи се на неодамнешните инциденти во повеќе градови, Мециновиќ посочи дека тие ја покажале сериозната ранливост на критичната инфраструктура во државата.
„Последните случувања се алармантни – по загадувањето на водата во Гостивар и откако видовме колку е лесен пристапот до овие системи за водоснабдување. Ова е јасен сигнал дека државата не се однесува доволно сериозно кон своите стратешки објекти. Зборуваме за системски пропусти кои директно ги загрозуваат здравјето, безбедноста и довербата на граѓаните во институциите“, нагласи тој.
Мециновиќ образложи дека водоснабдителните системи, браните, енергетските капацитети, комуникациските центри и останатите стратешки објекти претставуваат критична инфраструктура чија заштита мора да биде третирана како прашање од национална безбедност и дека нив треба да ги чува Армијата. Бидејќи за тоа ќе бидат потребни значителни човечки ресурси треба да се зголеми и бројот на припадниците на Армијата. Мециновиќ не посочи бројки за тоа колку персонал од Армијата би бил потребен.