Левица: Македонската армија најслаба, а со најголеми буџетски издвојувања
По повод 34-годишнината од формирањето на Армијата, од Левица преку соопштение критикуваат дека македонската војска, и покрај високите буџетски издвојувања за одбрана, со години се соочува со слабеење на кадровските и материјалните капацитети.
Од партијата потсетуваат на улогата на Армијата во конфликтот во 2001 година, нагласувајќи дека нејзината основна задача е заштитата на територијалниот интегритет на државата. Сепак, според нив, наместо понатамошно зајакнување, во изминатите децении се спроведувале политики што довеле до нејзино деградирање.
Левица тврди дека Армијата се соочува со кадровска криза, одлив на обучен персонал и незадоволство поради примањата и условите за работа. Според партијата, дел од касарните се во лоша состојба, со проблеми со греењето, санитарните услови, влагата и одржувањето.
Како проблеми се посочуваат и недостигот од соодветни униформи, обувки и тактичка опрема, поради што, како што тврдат од Левица, дел од припадниците сами набавуваат опрема. Партијата оценува и дека војниците се преоптоварени поради недостигот на кадар, додека напредувањата, прекомандите и испраќањата во странски мисии често биле под политичко влијание.
Критики се упатени и кон процесот на модернизација. Од Левица велат дека набавките на опрема се бавни и дека државата премногу се потпира на странска воена технологија, додека домашната наменска индустрија останува недоволно развиена. Партијата смета дека Армијата не располага со доволно развиени капацитети за справување со современите хибридни и сајбер-закани.
Според Левица, високите издвојувања за одбрана не се доволна гаранција за силна армија доколку средствата не се насочуваат кон долгорочно и независно развивање на одбранбените способности.
Од партијата ја критикуваат и политиката на ДПМНЕ и СДСМ во безбедносниот сектор, оценувајќи дека Армијата со години била предмет на политички влијанија и партиски калкулации.
Левица порачува дека управувањето со одбранбениот сектор треба да им биде доверено на професионалци и дека е потребно повторно зајакнување на армиските капацитети, кадровскиот состав и домашната одбранбена индустрија објави Скопје1.мк