Левица: Македонија стана лидер во Европа и по случаи на западнонилска треска по глава на жител
Македонија зазеде уште едно срамно европско прво место. Според најновиот споредлив пресек на ECDC, изработен на 14 август со податоци заклучно со 13 август, во Европа биле регистрирани 429 локално стекнати случаи, а Македонија е четврта во Европа дури и по апсолутен број. Пресметано според населението, нашата стапка е околу 1,65 случаи на 100.000 жители, односно највисока меѓу земјите во тој ECDC пресек, повеќе од 60% над грчката, над четири пати повисока од италијанската и околу 19 пати повисока од шпанската, стои во соопштението на Левица.
„А европскиот пресек веќе е застарен во однос на состојбата дома. Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, заклучно со 18 август, регистрира 38 случаи – 36 потврдени и два веројатни. Од нив, 37 се автохтони. Четири лица се починати. Уште пострашно, сите 38 регистрирани случаи се со невроинвазивна форма – енцефалитис и/или менингитис. Националната инциденца веќе изнесува 2,1 случај на 100.000 жители.
Само во една недела, од 12 до 18 август, ИЈЗ регистрирал 12 нови случаи и три нови смртни исходи. Тоа значи дека бројот на регистрирани случаи скокнал од 26 на 38 за само седум дена – раст од 46,2% за една недела.
Уште во мај Македонија го имала првиот регистриран човечки случај во европскиот регион за сезоната 2026. Наместо раниот аларм да предизвика максимална мобилизација, вмровскиот локален и здравствен апарат го дочека август со експлозија на заразата.
До 11 август бројот стигна до 26 случаи, двојно повеќе од евидентираните само шест дена претходно, а пет скопски општини веќе беа под прогласена епидемија. За неполни два месеца, ДПМНЕ успеа еден ран и јасен здравствен аларм да го претвори во епидемија во главниот град. Тука бројките престануваат да бидат само медицинска статистика и стануваат хронологија на пропуштеното време, односно вирусот се ширел, случаите се множеле, а секој нареден пресек само ја документира цената на задоцнетата превенција.
Размерот на годинашната состојба најдобро се гледа кога ќе се стави до претходните петнаесет години заедно. Од 2011 до крајот на 2025 година Македонија регистрирала вкупно 54 лабораториски потврдени случаи и пет смртни случаи. Само во 2026 веќе имаме 36 потврдени случаи, односно 66,7% од целиот број потврдени случаи во претходните 15 години заедно. На Македонија ѝ требаа 15 години за да регистрира пет смртни случаи од западнонилска треска, но на актуелната гарнитура на ДПМНЕ ѝ требаше едно лето за да стигне до четири.
Западнонилска треска не е заболување за кое институциите првпат слушнаа летово. Западнонилскиот вирус со години е присутен во Македонија, начинот на пренос е познат, ризичниот период е познат, а сезоната на векторите доаѓа секоја година по календар. Токму затоа ваквата ескалација е мерка за квалитетот на превенцијата. ДПМНЕ располага со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, Град Скопје и речиси целата локална власт во погодените скопски општини. Цела вертикала на надлежности заврши со досега објавени 35 потврдени случаи и четири изгубени животи. Она за што граѓаните ги плаќаат институциите е опасноста да биде следена, проценета и сузбиена пред болничките одделенија да станат главниот индикатор дека нешто тргнало катастрофално погрешно.
ДПМНЕ доби конкретно предупредување уште во мај, а три месеци подоцна Македонија доби епидемија. Од еден случај стигнавме до најмалку 36, од рана појава до европски врв по стапка, од познат сезонски ризик до четири смртни исходи. Тоа е целата хронологија на вмровската способност собрана во едно лето. И колку повеќе Клековски и останатите функционери се обидуваат одговорноста да ја растурат меѓу временските услови, граѓаните и комарците, толку погласни стануваат бројките – четворица починати за една сезона наспроти пет во претходните петнаесет години“, се вели во соопштението на Левица.