Левица ги објави носителите на пратеничките листи: Апасиев во „единицата“, Крмов во „тројката“
Политичката партија Левица официјално денес ги потврди имињата на носителите на пратеничките листи, откако изминатите денови дел од партиските ограноци објавија кој ќе бидат носители на кандидатските листи за пратеници на претсојните парламентарни избори
На официјалната фејсбук-страница Левица порача дека партијата ги има единствените кандидати, од севкупниот избор, кои немаат нанесено штета на државата.
„Еднаш засекогаш ќе ги предизвикаме политичките елити кои управуваат со нашите животи и ќе ја вратиме политичката моќ во рацете на работничката класа! Нашите носители и идни пратеници ќе бидат гласот на народот во Собранието, како што докажаа и нашите досегашни пратеници“, посочуваат од Левица.
Како што и претходно беше најавувано, носител на листата во првата изборна единица ќе биде партискиот лидер и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев.
Носител во ИЕ 2 ќе биде Амар Мециновиќ, портпарол на Левица, член на Президиумот на Партијата и член на Советот на Град Скопје.
Во третата изборна единица носител ќе бид е Борислав Крмов, пратеник во Собранието и член на Президумот на Левица.
Во „четворката“, носител ќе биде Сашко Јанчев, член на ЦК и советник на Левица во Општина Гевгелија.
Во петтата изборна единица носител ќе биде Јована Мојсоска, генерален секретар на Левица.
Во шестата изборна единица носител ќе биде Игор Димески, раководител на Сектор за енергетика и советник на Левица во Општина Центар.
„Од нас сите зависи силата со која ќе го вратиме ударот и судбината која сами ќе ја создадеме. Никогаш повеќе да не владеат над нас криминалот, корупцијата и профитот“, порачуваат од Левица.