Левица бара да се одговара за огромниот јавен долг и да се забранат заеми за тековни трошоци


Новата министерка за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, иако на прес-конференција во Владата најави нови задолжувања кон крајот на годината, таа веќе инстантно ја задолжи државата за нови 48 милиони евра преку државна обврзница издадена на 11 јули со рок на доспевање од 15 години, реагираат денес од  Левица.

„Ако се додаде најавеното задолжување на премиерот Мицкоски од 500 милиони евра со кредит од Република Унгарија, вкупниот јавен долг би бил на највисоко ниво од скоро 9 милијарди евра. Со ваква состојба Македонија ќе се соочи со проблеми при сервисирање на долгот – само до 2028 година ние граѓаните ќе треба да вратиме 1.8 милјарди евра по основ на камати.

Во однос на ребалансот на буџетот, продолжува праксата на кратење на капиталните инвестиции секоја година. Вкупно 325 милиони евра средства наменети за капитални инвестиции се прераспределни кон други намени и се продолжува непродуктивното трошење народни пари од страна на Владата на ДПМНЕ и ЗНАМ, во стилот на нивните предходници. Со ваквата политика буџетскиот дефицит е зголемен за дополнителни 181 милиони евра“, додаваат од Левица.

Левица затоа предлага  целосна ревизија на јавниот долг и покренување на постапка за одговорност и рефундација од надлежните функционери кои недомаќински и расипнички трошеле за време на нивниот мандат. Исто така бара воведување златно правило за јавните трошења, со цел да се спречи дополнителен раст на јавниот долг за непродуктивни цели, односно да се оневозможи креирање нов јавен долг за тековни трошења, туку само за капитални инвестиции.