Летно работно време на паркинзите на Градски паркинг и нови зони во Аеродром и Центар


Фото: Б.Грданоски

ЈП „Градски паркинг“-Скопје од утре ќе почне со работа на две нови паркинг зони. Едната зона е зона Б10, лоцирана кај новата зграда на ЈП Водовод и канализација Скопје и Кале. Зоната ќе биде исклучиво за комерцијална употреба и еден час паркирање ќе чини 35 денари. При паркирање, потребно е да се испрати СМС порака на бројот 144-144, со содржина: пр. „Б10 СК1234АА“, односно: зона, празно место, регистарска ознака, информираат од претпријатието.

При напуштање на паркинг зоната, потребно е да се испрати СМС порака со содржина: „С“, со цел стопирање на активната паркинг сесија. Во спротивно, како што соопштуваат од претпријатието, ќе се изврши наплата со автоматското исклучување на паркинг сесисијата на наведената зона.

– Напоменуваме дека СМС пораките треба да бидат испишани на латинично писмо и испратени исклучиво од мобилен телефонски број на македонски оператор, се наведува во соопштението од претпријатието.

Другата зона е паркинг зона Д2, лоцирана кај Три Бисери- Аеродром. Зона Д2 ќе биде за комерцијална употреба: час паркирање, со цена од 25 денари од час. Ќе се издаваат и дозволи за паркирање за вработени, правни и физички лица, како и за станари. Сите наведени категории на корисници за да се стекнат со право на паркирање, потребно е да достават комплетна документација во канцелариите на Кол Центар Аеродром- позади ТЦ Бисер во период од 1-ви до 30 јуни.

Од претпријатието известуваат дека од утре започнува летно сметање на работното време на јавните површини со кои стопанисува „Градски паркинг“. Работното време во зоните А, Б, Ц и Д ќе биде од понеделник до сабота од 7 до 23 часот.