Леснотијата на неодговорноста

На Македонија, судејќи по протестите против вакцините вчера, ѝ се случува некој вид Авганистан: Станува држава во која нема надеж дека кога и да е ќе се исцивилизира политиката


Ова ни е фала – беше најсилната реакција од здравствената фела на вчерашниот протест што критичката јавност го опиша како голема срамота.

И тие што го организираа и што најавија продолжение, знаат дека е така, па се кријат зад разни групи, кобајаги антиваксери од кои по слободна проценка барем половината или се вакцинирани, или го прележале корона вирусот, бидејќи бројките за опфатот на епидемијата и бројот на вакцинираните во земјата ја налагаат таа логика. При милион потрошени вакцини во земјата и којзнае уште колку примени надвор од Македонија, нема простор за толку многу антиваксери, па и за толку „храбри“ Македонци што шетаат на протести без заштита и тоа сега, кога  и на свадби и на крштевки не се оди без ПЦР контрола.

Срамота е што политиката наголемо замеша прсти во здравствената криза. Па, тие што протестираа затоа што доцнеа вакцините  во Македонија вчера протестираа за обратното – да не се вакцинираат граѓаните бидејќи нашето здравје било божја волја. Бидејќи нема толку необразовани и неуки граѓани, целта на протестот што се одржа во неколку градови беше очигледно политичка – јавајќи на бранот на антиваксерството како актуелна тема да се добијат повеќе поени пред локалните избори. Иако протести против мерките има насекаде во Европа, никаде не се нарекуваа убијци и не се жигосуваат тие на кои до вчера им аплаудираа и од чија лична жртва и мотивација зависи колку животи ќе бидат спасени. Тоа нашиот протест го смести во групата на налудничави, блиску до помислата дека на Македонија и се случува некој вид Авганистан, т.е. држава во која нема надеж дека кога и да е ќе се исцивилизира политиката.

Вчерашниот протест немаше врска со отпорот против вакцините, бидејќи да беше така, немаше да има вакви редици пред пунктовите. Немаше врска ни со проблемите на угостителите, бидејќи и денес со фамозните сертификати и на високи температури се полни кафетериите. Нема врска ни со мерките, бидејќи тие во континуитет се полабави од рестрикциите во другите земји со сличен број на инфицирани. Нема врска ни со наводната дискриминација, па и смешно е да се тврди тоа, бидејќи никој не им го одзема правото да одат во самопослуга или на работа, никој не им го одзема правото на леб и на работа, туку правото да одат во кафеана, да се мешаат во толпа и да заразуваат. Протестот нема врска воопшто со мерките, туку со потребата да се предизвикуваат постојани тензии во земјата како начин да се дестаблизира актуелната власт, при што речиси е шокантно колку луѓе се подготвени да излезат зад лажна агенда, зад лажни пароли и зад лажна цел и со таков политички и самодеструктивен неморал да помогнат да победи нивната опција. И да бидат топовско месо за партиите што ги организираат, бидејќи на ваква тема не можат да се самоорганизираат вака масовно, без оглед колку корен фатија теориите за заговор во општеството.

Уште поналудничаво е што во истото соопштение ВМРО-ДПМНЕ, која јасно застана зад протестите и ги поддржува, го плука и наводното немање мерки за корона кризата, и главната мерка што треба да го мотивира  натамошното вакцинирање. Со месеци наназад од сабајле до вечер оваа партија го критикуваше министерот за здравство дека задоцнил со набавките, дека сме последни што сме го почнале процесот, дека многумина ќе се спаселе да дојдоа вакцините порано, а  сега им праќа порака на граѓаните дека од нив немало потреба и дека вакцинирањето не е решение. Дека СЛОБОДАТА да не се вакцинираат е најважна,  отфрлајки ја со неверојатна леснотија одговорноста за штетите што таквата измешана порака  ја предизвикува кај граѓаните во Македонија. Да останат незаштитени, да се разболат, да ги разболат тие околу нив, па и да умрат можеби, ама да имаат слобода сами да си решат за тоа, иако нивната лична одлука засега многу други во чие име не можат да носат одлуки.

Да биде уште потрагично, овој протест само што почна а веќе се гледа следната тема ( приемот на Авганистанците) околу која ќе протестираат истите што сега глумат антиваксери, откако  претходно беа многу загрижени за името, за преговорите со Бугарија, за албанизацијата, за навалата на мигрантите од кои едвај некој остана во земјата, за пописот и слично, опструирајќи го нормалното водење на државата. Фабриката за лаги, манипулации и невистини за жал работи со полна пареа, а целта не е ни партиска, туку  да се остварат интересите на еден мал процент профитери од ваквата конфузија во државата, која има и додатни имиња – криза на морал, криза на вредности, криза на системот, криза на демократијата и криза на правецот во кој се турка нашето општество.

Кога дојде време да се исплукаат докторите за да се дојде на власт, кога дојде време и над 5.000 мртви и десетици илјади заразени да не се доволна причина за обединување, кога себичноста застана пред здравиот разум, а некаква угостителска комора да и се заканува на власта што не и дозволува да организира журки а да не е одговорна што не се почитуваат мерките што треба нив да им помогнат да работат, кога дојде време да не се прави разлика што е јавно здравје а што политика и кога простаклукот на протестите се нарекува слобода, тогаш тешко и се пишува на Македонија. За две недели, кога ќе почне учебната година и кога  мора да проработат со цел капацитет градинките и компаниите, кога болниците ќе почнат да се полнат со млади и деца бидејќи тендот во светот оди во тој правец, кога ќе запрат парите од задолжувањата, кога ќе се намали значајно државната помош и кога фирмите ќе се соочат со дилемата да преживеат или да банкротираат па за немање ковид сертификат ќе даваат отказ, тогаш неидењето во кафеана со маска и со потврда за вакцинација ќе им се види како „рај“  на тие вчера што веруваа во помошта од господ.