Лековитите својства на печурките: Ја контролираат тежината и се борат со ракот


Штом се појават првите свежи утра и есенски денови, веднаш ни текнува на печурките, растение со кое може да ги направиме своите оброци побогати и поздрави. Тие се посебна форма на живот која поради својата разновидност се смета за најраспространет жив организам на земјата. Науката која се занимава со проучување на габите и печурките се нарекува микологија, која е гранка на ботаниката: тоа е наука за систематика на габите, како и нивна примена кај човекот. Може да ги собирате и самите, но не без искусен и професионален собирач на печурки, а може да ги купите на пазар или на блиските маркети.

Користени како храна уште од древните времиња, печурките се сметаат за едни од најздравите продукти, кои имаат многу корисни својства за здравјето. Славни по своите хранливи квалитети, тие може да се консумираат свежи, суви, маринирани или зготвени, а се смета дека се богати со протеини речиси колку и месото, гравот и грашокот.

Печурките изобилуваат со Б-комплекс витамините, кои даваат енергија за процесирање на протеините, мастите и јаглехидратите, а содржат и траги од витаминот Б 12, за кој се смета дека не може да се најде во растителен облик. Потоа богати се со целулозни влакна кои што ја одржуваат ситоста, а содржат бакар, калиум, селен, фосфор, цинк и железо. Најновите истражувања покажуваат дека тие имаат силно антивоспалително и антиканцерогено дејство и ја промовираат работата на имунолошкиот систем.

Без оглед дали ќе се одлучите за шампињони, буковка, вргањ, лисичарка или, пак, тартуфи, дали ќе ги готвите во сосови, чорби или ќе ги користите како додаток во исхраната, добро е да знаете дека може да ги чувате на ладно т.е. во фрижидер до пет дена, а пред приготвувањето е потребно добро да ги измиете под силен млаз од ладна вода. Храната приготвена со печурки оксидира брзо, па затоа се препорачува да се консумира веднаш и да не се подгрева повторно.

Антиоксиданси и имунитет

Секој пат кога ќе го чуеме зборот антиоксиданс се сеќаваме дека тоа е компонента која овозможува да се донесе кислород во наситната клетка во организмот, а која помага да се отстранат слободните радикали, т.е. нуспродукт од метаболичките процеси во телото. Селенот е важен минерал кога станува збор за продукција на антиоксиданси, кои помагаат и во лекувањето на некои хронични болести, а помагаат и да се зајакне имунолошкиот систем. Печурките се богат извор на ерготеонин, кој во комбинација со останатите минерали дејствува антивоспалително и помага во заштита на крвните садови.

Малигни заболувања

Најновите истражувања покажуваат дека печурките можат да го инхибираат растот на канцерогените клетки кај карциномот на дојка и простата, па дури ги уништуваат малигните клетки и повторно го враќаат телото во рамнотежа. Познато е дека печурките шитаке се користат често во медицински цели и исклучиво при борба и заштита од тешките заболувања.

Контрола на тежината и дијабетес

Богати со протеини, витамини, минерали и олигоелементи, печурките може да помогнат во контролата на тежината, бидејќи тие се нискокалорични и промовираат дневна енергија со ограничување на внесот на маснотии, оставајќи ве заситени долго време после оброкот. На тој начин го одржуваат шеќерот во крвта на оптимално ниво и се одлична исхрана кај личностите што страдаат од шеќерна болест.

Регулирање на крвниот притисок и стрес

Печурките се без маснотии и содржат многу малку натриум, па затоа се одлична храна кај луѓето што имаат висок холестерол, триглицериди и крвен притисок. Со само мал оброк печурки неколку пати неделно, овие личности може да го регулираат крвниот притисок, да го одржат кардиоваскуларниот систем на добро ниво и да го намалат стресот и депресијата.

Подобра концентрација

Со одржување на здравите крвни садови, се подобрува циркулацијата и микроциркулацијата, а со што се промовира работата на мозокот преку можноста за памтење и учење и се намалува склоноста кон деменција и Алцхајмеровата болест.

Останати бенефити

Уште само да напоменеме дека печурките помагаат и кај проблемите со штитната жлезда, најмногу поради големото количество на селен, потоа ја одржуваат кожата, косата, ноктите и коските во добра состојба поради високото количество на фосфор, а помагаат при импотенцијата, но и кај астмата и анемијата поради големото количество на железо.

Печурките се сметаат за одлична веганска замена за витаминот Д, како и холин, важна состојка која ги поттикнува длабокиот сон, движењето на мускулите и трансмисијата на нервните импулси.

Она што е важно е да користите различни видови печурки и да не се ограничувате само на еден одреден вид. Покрај тоа што се хранливи, тие се и многу вкусни, а можете да ги користите пржени, како прашок и додаток во чаевите, топлите пијалаци или смути, потоа печени на скара, како додаток во сосови, чорби, супи или тестенини и пици. Добро е да знаете е дека печурките се посолуваат откако ќе се изладат, а идеално би било доколку си овозможите оброк со печурки барем трипати во неделата.

Ирена Танчева

Млечен сос од шампињони

За овој рецепт ви се потребни:

– 250 – 300 г свежи шампињони
– 1 кисело млеко
– 1 лажичка морска или хималајска сол
– 1/2 кромид
– 1 чешне лук
– малку оригано
– масло

За да го подготвите овој рецепт, потребно е да ги одберете и добро да ги измиете печурките, притоа избирајќи ги оние со средна големина. Откако ќе ги исцедите, исечкајте ги шампињоните, кромидот и лукот. Загрејте го маслото и прво додајте го кромидот, а потоа и печурките. Смесата ја пржите додека да порумени и пред самиот крај го додавате лукот, а потоа и ориганото. Откако состојките ќе се испржат добро, ја тргате тавата настрана и оставате да се излади. Потоа ја ставате смесата во широка длабока чинија и ги додавате киселото млеко и сол според желба. Мешате додека да се изедначи смесата, а потоа служите млако или изладено. Овој рецепт може да се понуди како гарнир или само како сос. Повелете, добар апетит!