Лекарот на Белата куќа: Бајден е здрав, силен и подготвен за должноста


Американскиот претседател Џо Бајден, кој беше подложен на лекарски преглед и колоноскопија во петокот, „е подготвен за должност и способен да ги извршува своите должности без никакви прилагодувања“, рече неговиот лекар во писмото објавено од Белата куќа.
Кевин О’Конор, докторот на американскиот претседател, рече дека со колоноскопија е пронајден „бениген полип“ кој лесно бил отстранет.

„Хистолошката евалуација се очекува да биде завршена на почетокот на следната недела. Претседателот никогаш немал рак на дебелото црево“, изјави докторот.

О’Конор, исто така, рече дека Бајден покажал зголемена фреквенција и сериозност на „чистење на грлото“ поради рефлукс, што барало детален преглед. Тој преглед не откри тумори, чиреви, рак или други сериозни состојби, рече докторот.

Одењето на Бајден исто така изгледа „забележително потешко и помалку флуидно“ отколку во минатото, напиша О’Конор. Прегледите покажале дека најголемиот дел од вкочанетоста може да се припише на абење на ‘рбетот.

Џо Бајден, кој го слави својот 79-ти роденден, ја продолжи својата претседателска функција во петокот околу 17:35 часот по средноевропско време по краткиот трансфер на власта на потпретседателката Камала Харис за време на анестезијата. Така, Харис стана првата жена во историјата на САД која имала претседателски овластувања.

Како 78-годишен Бајден стана најстариот американски претседател во историјата. Иако се уште се шпекулира дали ќе се кандидира повторно во 2024 година, тој вели дека очекува втор мандат.