Лека-полека, Вангеловски паѓа од судскиот врв


Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, по двете ненадејни искачувања на самиот врв на судската власт во земјава, годинешнава летна ферија ја почна со неизвесност – соочен со можност да биде симнат од функцијата. На утрешната седница, Судскиот совет, најверојатно, ќе ја отвори темата за негово можно разрешување. На тоа упатува точката што е насловена „Извештаи на комисиите за утврдување одговорност на судија/претседател на суд“, за која е посочено дека расправата ќе биде зад затворени врати.

Сепак, од Судскиот совет нема официјална информација дали станува збор за Вангеловски и судијката Рахилка Стојковска, која беше во Кривичниот совет кој го ослободи од притвор бизнисменот Сеад Кочан, за предметот што против него го водеше СЈО, а кој потоа избега на „службен пат“, но сега треба да почне да ја извршува затворската казна. За судијата Ристо Катавеновски, кој го даде третиот глас за ослободување на Кочан, наспроти двата гласа „против“, според информациите, постапката е издвоена од здравствени причини и сè уште не е завршена за да дојде во фаза Судскиот совет да одлучува за негова одговорност.

Постапката за утврдување одговорност на Вангеловски, кој е „во друштво“ со уште деветтемина врховни судии кои се пред можно разрешување, се влечка повеќе од една година, за пред десетина дена да почне да се создава „фронт“ за одбрана на судиите. Во тој контекст се доживува барањето што го поднесоа двајца адвокати од Скопје – Врховниот суд на општа седница да донесе начелно-правно мислење според кое за судиите што се предложени за разрешување ќе важи поблаг закон, така што тие би поминале само со дисциплински мерки. Иако сите сигнали упатуваа на тоа дека Вангеловски е благонаклонет кон оваа иницијатива, тој не успеа да ја пресретне седницата на Судскиот совет на која се очекува да почне расправата за утврдување на неговата одговорност.

Соговорници од Врховен суд велат дека се мошне мали шансите за денеска да биде закажана општа седница на која би се расправало за барањето на двајцата адвокати, пред утрешната седница на Судскиот совет. И во случај да биде закажана општата седница, прашање е дали ќе може да се обезбеди мнозинство од минимум 11 судии за иницијативата да биде изгласана, со оглед на тоа што е почната судската ферија, така што не се планираат седници до втората половина на август.

Проценките меѓу судиите се дека и самиот Вангеловски кренал раце од идејата преку начелно-правно мислење да се спасува од разрешување. Затоа и минатата среда не се одржа јавната седница за барањето на адвокатите, иако имаше такви најави.

Во меѓувреме, се огласи и Антикорупциската комисија, која ги предупреди врховните судии дека не можат сами себеси да се амнестираат, на што Врховниот суд одговори со соопштение дека судиите секогаш сами се изземаат кога постои сомнеж за непристрасност. За разлика, на пример, од премиерот Зоран Заев, кој се повлече од намерата да биде избран и за министер за финансии по слично укажување на ДКСК за можен судир на интереси, Вангеловски реши да им одговори на антикорупционерите и со забелешка дека судиите на Врховниот суд се самостојни и независни во своето одлучување и при вршење на задачите од својата надлежност.

На тоа следуваше и „контрареплика“ од ДКСК дека во Законот за спречување корупција и судир на интереси под поимот „службено лице“ се подразбираат сите избрани или именувани лица и вработените во јавниот сектор, што значи и врховните судии.

Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев оценува дека е нонсенс барањето овој суд на општа седница да носи начелно-правно мислење за важење на поблаг закон. Тоа, како што вели, е општо правило – дека ако има различни законски одредби за странката во постапката се применува поблагото и поповолно решение, но за тоа не треба да носат одлука врховните судии, особен кога се лично засегнати. Во случај на одлука, пак, за разрешување на судија, како што објаснува Илиев, тој има право на жалба до Врховниот суд, но притоа од постапката се иззема претседателот на судот. Илиев го оценува како неиздржано и начелното правно мислење дека СЈО не може да отвора истраги по 30 јуни 2017 година, што Врховниот суд го донесе на општа седница, по иницијатива на други двајца адвокати. Како што вели Илиев, Врховниот суд не може да запира постапки на обвинителството.

Вториот мандат на некогашниот адвокат на чело на Врховниот суд, всушност, помина во знак на одлуки што ја попречуваа работата на СЈО, ако се има предвид и решението со кое на поранешниот државен обвинител Марко Зврлевски му беше овозможено да се меша во предметите на специјалните обвинители и да поднесува барања за заштита на законитоста по секоја нивна одлука.

Гласот на главниот врховен судија, исто така, можеше да се слушне во една од „бомбите“ од масовното нелегално прислушување кое го поттикна и формирањето на СЈО. Тоа беше и основната причина поради која се оспоруваше враќањето на Вангеловски на чело на Врховниот суд, по завршувањето на мандатот на неговата наследничка на чело на оваа институција Лидија Неделкова. Освен тоа, Вангеловски остана запаметен како кум на поранешниот и долгогодишен претседател на парламентот Трајко Вељаноски, како „хипотека“ која го обележа неговото влегување во Врховен суд, а од која не се ослободи ниту во овој мандат, со оглед на тоа што се врати на функцијата во политичкиот вакуум што се создаде пред официјалното заминување на ВМРО-ДПМНЕ од власт и доаѓањето на СДСМ. Но, по игра на случајот, главната специјална обвинителка Катица Јанев „падна“, поточно поднесе оставка, пред да дојде на дневен ред можното разрешување на Вангеловски.

Моменталната ситуација во Врховниот суд е уникатна и поради тоа што против половина од вкупно 18 членови на судот се водат постапки пред Судскиот совет за можно разрешување, што го доведува во прашање кредибилитетот на институцијата. Освен судиите што го ослободија бизнисменот Кочан, на „тапет“ се уште петмина судии, предложени за разрешување за бегството на обвинетите во „Тврдина-Таргет“, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, а постапка се води и за уште две судијки што ги пријавил Вангеловски, меѓу кои и претходната претседателка Неделкова. Освен тоа, и покрај систематизацијата која предвидува Врховниот суд да брои 25 члена, судот функционира моментно со 18 судии плус претседателот, од кои половина би можеле да бидат разрешени. На прашање околу првичната идеја за генерален реизбор на судии и сегашните најави за ветинг во правосудството премиерот Зоран Заев вчера изјави дека сè уште стои на тоа дека најбрз начин да се подобри правосудството во државава е распуштање со право на реизбор.

„Сепак, кога разговаравме со европските партнери, тие побараа лична, а не колективна одговорност и таа е помалку важната причина. Како втора најважна причина е ресурсниот капацитет, односно како да се пополнат испразнетите судиски и обвинителски места ако тие заминат по процес на ветинг“, рече Заев.

Тој додаде дека во државава по систематизација има 750 судиски места, а дека во моментов има 520 судии.

Неизвесно е каква ќе биде „пресудата“ на Судскиот совет за главниот врховен судија и дали таа ќе биде изречена истиот ден (утре) или ќе биде повторно одложена. Сепак, по една година одолговлекување на постапката против Вангеловски, во време кога на чело на Судски совет беше Зоран Караџовски, по смената на кормилото и доаѓањето на Киро Здравев, како и со оглед на променетиот распоред на сили во советот, извесно е дека во скоро време ќе има одлука, која би можела да значи и дефинитивно симнување на Вангеловски од самиот врв на судската власт во земјава.

Александра М. Митевска